Прв тест пред ЕП 2026: Македонија последен пат ја победила Хрватска пред 21 година!

90

Македонската ракометна репрезентација денеска (20:30 часот) во Пореч против Хрватска ќе го одигра првиот пријателски натпревар во рамките на подготовките за претстојното Европско првенство 2026 година.

Селекторот, Кирил Лазаров на собирот најави дека контролните мечеви ќе ги искористи за воигрување, но и ќе им даде повеќе на шанса на оние ракометари кои во своите клубови имаат скратена минутажа, за да можат да соберат искуство пред тешката мисија во Хернинг, градот домаќин на нашата група, во која се Данска, Португалија и Романија.

Хрватска нема да биде во комплетен состав, ќе настапи со подмладен состав, се со цел селекторот Драгур Сигурдсон да види со каква иднина располага.

Во најавата на официјалната страница на Хрватската ракометна федерација стои анализа на Македонија во која се величи работата на Лазаров и неговата храброст да направи промена генерација, а притоа да го задржи континуитетот на големите натпреварувања.

„Накратко, свесни дека групата во која се наоѓаат е објективно тешка за поминување (Данска, Португалија, Романија), селекторот Киро Лазаров реши да им даде шанса на младите играчи да се челизираат и да го стекнат потребното искуство. Само тројца играчи имаат над 30 години, а тоа е јасна порака“, се вели во нивниот текст.  

Македонија и Хрватска до сега имаат одиграно 16 меѓусебни средби, Хрватска победила 12 пати, додека Македонија има три победи, еден меч завршил без победник. Последниот триумф нашата репрезентација го запиш пред 21 година (2004 година) во Скопјe, во квалификациите за Европското првенство.

Нашите момци во Скопје ќе се вратат на 30 декември, Лазаров ќе им даде два дена слободни, по што на 2. јануари продолжуваат подготовките.

ПретходноВреме е за ски – скокови: Денеска со квалификациите во Оберздорф стартува новогодишната турнеја “Четири скокалници“!
СледноНеделковски: Васил Рингов си замина од овој свет без ниту еден непријател