По завршување на есенскиот дел од сеозната во Првата одбојкарска лига за мажи, според пропозициите првите шест пласирани екипи обезбедија пласман во плеј-оф разигрувањето, пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Тоа се екипите на есенскиот шампион Штип УГД, бранителот на титулата Струмица, како и екипите од третото до шестото место: Работнички, Борец, Универзитет Тетово и Сушево. Во вториот дел од сезоната ќе се игра двокружно „секој со секого“ и потоа првите четири екипи обезбедуваат пласман во полуфиналето на плеј-офот и ќе разигруваат за битка за шампионската титула.
Екипите кои во есенскиот дел се пласираа од 7. до 12. место (Лирија, Шкендија, Македонија Џио, Весна Пробиштип, Скопје и Јанта Волеј) ќе ги пренесат бодовите од првиот дел и ќе разигруваат во плеј-аут фазата. Ќе се натпреваруваат двокружно (дома-гости), а по завршувањето на натпреварите се добива конечниот пласман во првенството.
Вториот дел од првенството за мажите стартува на 24 јануари 2026 година.

Паузата во првенството во сениорска конкуренција во Првата и Втората лига жени само два тима ја дочекаа до беспрекорен учинок – Наковски Волеј кај прволигашите, односно Фламинго Волеј во второлигашката конкуренција.
Освојувањето на куп-титулата, првиот пехар во клупската историја, за Наковски Волеј беше круна на сезоната 2024/2025, но истовремено и најава за поголемите амбиции кои ги има овој струмички состав. Тимот тоа го потврдува со прикажаната игра и константноста низ девет кола, во кои ниту еднаш не „киксна“, а потклекна само за момент во дуелот со Пелистер Волеј, кога си дозволи да загуби бод, но не и да претрпи пораз. Одбојкарките на Наковски имаат доволно време за одмор пред да почнат новите битки за врвот.
Работнички Скопје стои како втор на табелата, со два порази, а двата „удари“ ги доби од главните ривали за трофеите – Наковски Волеј и Јанта Волеј Кисела Вода.
Шампионот Јанта Волеј КВ скапо ја плати набиената агенда која му ја донесе настапот во Европа, односно во ЦЕВ Лигата на шампионите, каде имаше успешна прва рунда, а потоа и во ЦЕВ купот. Бранителот на титулата е петти на табелата, но во вториот дел од сезоната фокусот ќе биде насочен само кон првенството, а тоа е најава за уште поинтересни дуели.
Дебитантите Газели Волеј и Пелистер Волеј покажаа дека се и тоа какво освежување во Првата женска лига. „Газелите“ се во топ-три, го изненадија шампионот и им пркосеа на фаворитите, па заслужено се таму каде што се. Пелистер Волеј одигра најмногу дуели во пет сета во полусезоната, и откако плати со неискуството, стигна и до толку потребната (во тој момент) „тај-брејк“ победа.
Младост УГД, Струмица Жени и Вардар ЕМ исто така потврдија дека се ривали кои во никој случај не смеат ни да се потценат, ниту пак, предвреме да се отпишат. Не признаваат фаворити и противникот мора добро да се испоти за да заработи бодови против нив.
Учесникот на Ф4 во Купот 2025 Фит Фан Волеј, кој не претставуваше и на меѓународна сцена, во БВА купот, пред почетокот на сезоната, претпоследен е на табелата со една победа и тоа службена над Ускана.
Првенството во Првата лига продолжува на 24 јануари 2026 година со вториот дел од лигата. По комплетирањето на лига натпреварувањето, првите осум екипи играат во четвртфиналето од плеј-офот во два добиени натпревари, од кои ќе се добијат полуфиналистите од првенствениот плеј-оф, односно екипите кои ќе играат за шампионскиот пехар. Екипата која ќе заврши на деветтата позиција на табелата игра бараж со второпласираниот тим во Втората лига жени за опстанок во прволигашкото друштво. Последнопласираната екипа во првенството, пак, во следната натпреварувачка сезона ќе се натпреварува во Втората лига.
Во Втората лига жени, Фламинго Волеј е екипата која има беспрекорен учинок.










