Во време кога вистинските вредности сè почесто се губат во брзото секојдневие, постојат луѓе кои со своите дела нè потсетуваат што значи да се биде голем – не само како спортист, туку и како човек. Таков пример е нашиот успешен мотоциклист и европски шампион Петар Мијалков.
Петар заедно со своите пријатели уште еднаш го покажа своето големо срце. Со моторите, кои за него не се само спорт и страст туку и средство за радост, тие ги посетија трите институции во Штип: Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“, Дневниот центар за деца со посебни потреби во Ново Село и Дневниот центар за деца со аутизам.
Со насмевки, внимание и искрена топлина, на дечињата им подарија новогодишни пакетчиња и незаборавни моменти. Оваа хумана мисија не е случајност – напротив, таа е традиција што Петар и неговите пријатели ја негуваат веќе четврта година по ред, покажувајќи дека успехот има вистинска вредност само кога се споделува со другите.
https://www.instagram.com/p/DSuWV-uCpB2/
Хуманата приказна продолжи и во саботата, кога Штип живееше во празничен дух. На едносмерната улица Ванчо Прке, попозната како „Шеталиште“, се одржа настанот „Дедо Мраз на две тркала“. Со почеток во 14:30 часот, околу 30 учесници успеаја да израдуваат над 500 деца, подарувајќи им пакетчиња, насмевки и радост што долго ќе се памети.
Мијалков на настанот беше присутен заедно со својот син Драган, испраќајќи силна порака – дека хуманоста, солидарноста и љубовта кон другите се вредности кои се пренесуваат од генерација на генерација. Штип може да се гордее што има ваков човек – спортист, татко и хуманист, кој инспирира и обединува.










