Барди: Македонија секогаш го оди потешкиот пат, а Мундијалот е сон на секој фудбалер

0

Огнен Чак Дојчиновски

Ако фудбалски изминатава 2025 година со оглед на резултатите кои што македонката А репрезентација ги постигна можеме да ја дефинираме како исклучително успешна, тогаш следствено на тоа, оваа која што доаѓа, 2026 правопропорционално треба тие исти успеси да ги продолжи.

Системот на натпреварување е таков, да она што го поставивме како темел во квалификациите за Мундијалот во САД, Мексико и Канада има надградба во баражот во кој што суверено и исклучително заслужено сме присутни.

Данска…. ветената земја за нас…. од фудбалски аспект. Во таа скандинавска држава на 26 март се решава судбината на оваа наша генерација. На онаа „пост Пандев“ гемерација која што ја имаше помошта до одреден момент од нашиот најдобар фудбалер, но потоа мораше сама да го чекори својот пат. И успеа во тоа. Одигра еден бараж, застана на последната станица во Португалија, а еве сега повторно се качуваме во „Мундијалскиот воз“.

„Како репрезентација, како генерација, а ете ако сакате како народ, како држава секогаш сме оделе по потешкиот пат. И не гледам нешто лошо во тоа. Напротив. Едноставно работите така се наредија, и добро е што е така. Добро е што сме повторно во тој бараж, во тој меч кој што значи многу за секого. Одигравме одлични квалификации, мислам дека на моменти и немавме среќа, но дадовме се од себе. Она што го правевме на теренот го правевме од срце, изгинавме на секој дуел, и затоа сме тука каде што сме“ – го започнува разговорот со Спортспорт, капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди.

Поводот секако е новогодишен. Мини рекапитулар на се она што се случуваше во изминатите 365 дена, и што се не очекува во идната календарска година.

Во фудбалот го добиваш само она што ќе го заслужиш

Македонија има пред себе огромен предизвик. Баражот во Данска може да ни донесе многу. Сите се сеќаваме на победата против Италија, на оној легендарен гол на Александар Трајковски, за потоа да следува и дуелот со Португалија и оние фајтерски деведесет минути во кој херојски го положивме оружјето.

„За мене постои само една теза во фудбалот. А може да се каже и воопшто во спортот. Мораш се да заслужиш. Да веруваш во успехот. Во она што како награда ќе дојде од тоа што си дал се од себе. Така се успева. Така успеавме сите во своите кариери, во животот. Не можеш да се надеваш на нешто ако половично, со страв гледаш на нештата. Напротив. Така јас гледам и на овој дуел против Данска. Веруваме во добар меч, веруваме во успех, веруваме во пласман понатаму. И нема ништо поинаку“ – порачува капитенски Енис Барди.

Меч кој може многу да ни донесе

Многумина ќе речат, да тоа се само деведесет минути. Тоа е само уште еден меч. Но, таа средба во Данска, тој бараж е многу повеќе од тоа.

„Како генерација, како репрезентација можеме многу да добиеме од ова. Така се поставени нештата во фудбалот. Овој меч може многу да донесе. Не треба да си создаваме притисок секако, но шансата е тука и таа треба да се искористи“ – вели Барди.

Со Седлоски имаме иста фудбалска филозофија

Имаме и нов селектор. Во името на Гоце Седлоски, прославениот наш репрезентативец со стотина мечеви во националниот дрес. Има задача на своето деби да ја поведе Македонија во еден од најважните мечеви во последната декада. Меч кој што потенцијално значи Мундијал за нас. Најголемото нешто во фудбалскиот свет.

„И преку ова интервју да му честитам на селекторот Гоце Седлоски на изборот. Имавме пријатен разговор во просториите на Фудбалската Федерација на Македонија. Се видовме, разменивме привчно мислења што и како треба да се случува во следниот период. Едно е јасно. Дека и двајцата делиме иста фудбалска филозофија. Сакаме да победуваме. Сакаме успех. И не се плашиме од предизвикот. Да, свесни сме и што не очекува, но тоа е и убавината на фудбалот, на спортот воопшто. Да пред себе имаш предизвик кој што е сериозен, кој што те става под одреден притисок, и кој што од тебе го вади најдоброто, најсилното. Јас, а и селекторот Седлоски очигледно уживаме во тоа. Сплотени сите, како еден да тргнеме кон најголемиот успех на Македонија и да ја израдуваме нацијата уште еднаш како многу пати претходно“ – вели капитенот на македонската фудбалска репрезентација за Спортспорт, Енис Барди.

 

 

 

 

ПретходноВлатко Андоновски во посета на ФФМ и претседателот Омерагиќ