✍ Марија Ковачева
Годината што денеска полека изминува ќе остане запаметена како најтешката за Македонија. 2025 ни ја нанесе најголемата болка, ни ги распарчи срцата и нè остави во неверување.
Утрото на 16 март 2025 година се разбудивме со вест од која ни застана здивот. Во пожар во дискотека во Кочани згаснаа животите на млади луѓе – деца што допрва требаше да растат, да сонуваат, да победуваат. До денеска, бројот на жртвите во оваа незапаметена трагедија достигна 63, а над 200 лица беа повредени.
Сите сакавме да веруваме дека е само лош сон, дека ќе се разбудиме и болката ќе исчезне. Но, за жал, тоа беше суровата реалност, болка што не поминува, рана што засекогаш ќе остане отворена.
Животот го загубија и младите спортисти Андреј Лазаров, Дамјан Таневски и Петар Ивановски. Меѓу жртвите беа и двајца искрени, страсни поддржувачи на фудбалската репрезентација – Панчо и Андреј.
Имињата на 63-те жртви никогаш нема да бидат само бројки. Нивните животи нема да бидат статистика. Тие ќе живеат во секој аплауз, на секој натпревар.
Спортска Македонија се сплоти. Од секој терен, од секоја сала, од секој натпревар се испраќаа пораки. Сите играа за сите што прерано заминаа. Во Скопје дојде и Црвена Звезда која одигра хуманитарен меч против ФК Вардар.
Спортот плачеше..🖤🖤🖤
Нивната светлина никогаш нема да згасне. Засекогаш ќе живеат во срцето на Македонија. 🕊🕊🕊
Да не се повтори никогаш!










