Македонската ракометна репрезентација после два дена одмор денеска продолжи со подготовките за настап на Европското првенство кое од 15 јануари од први февруари ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка. Македонија ја чека тежок предизвик, ќе игра против домаќинот Данска, Португалија и Романија.
Селекторот Кирил Лазаров го анализираше првиот дел од подготовките, како и контролниот меч против Хрватска.
„Она што го планиравме тоа и го остваривме треба да знаеме дека трениравме доста интезивно во тие осум дена, со тоа што првиот дел од поделивме на два дела, во Скопје и во Хрватска. Имавме идеални услови, особено во Хрватска бидејќи имавме на располагање сала во хотелот, имавме фитнес центар. Имавме одлична контролна средба, со оглед на интезитетот на тренирање, задоволен сум од мечот. Знам дека имаме доста работи за поправање, но ни остануваат 15 дена, знаеме што треба да работиме и на што да обрнеме внимание“, ни изјави Лазаров.
Во следните неколку дена предвоникот на нашиот национален тим ќе го соопшти конечниот список, а истиот ќе се темели врз основа на физичката подготвеност, но и здравствената состојба.
„Имам неколку дилеми, со оглед на здравствената ситуација на играчите, но мислам дека во наредните два-три дена тоа треба да се искристализира. Во Данска ќе патуваат 19 играчи, а во моментов на тренинг се 21. Но, како што реков конечниот список ќе биде познат во следните неколку дена. Самиот здравствен билтен го диктира списокот, ќе видиме како ќе се чувствуваат овие два дена, нам ни требаат здрави играчи кои што да одговорат на потребите, физички подготвени“.
Лазаров вели дека во следниот период ќе се работи на тактичкиот дел, противниците се анализираат, а нашиот национален тим ќе се надоградува и максимално ќе се подготвува.
„Го направивме концептот, знаеме како треба да изгледа нашата игра, треба да се надоградиме, но максимално ќе го искористиме следниот период“.

И на ова големо натпреварување, Македонија ја чека пеколно тешка задача. Лазаров успешно ја направи промената на генерација, од првенство до првенство, новата Македонија расте, но за да биде подобра, нашата ракометна икона посочи на што треба да работи секој репрезентативец за да можат да бидат во чекор со големите земји.
„Јас секогаш зборувам за нашиот менталитет, малку можеби сум досаден, но тоа е вистина. Мора да ги поправиме психолошката подготвеност и самодовербата. Знам дека тие тешко се менуваат поготово кога играчот ќе стигне до одреден број на години. Но, работиме да го промениме тој менталитет – треба да веруваме во невозможното.
Ако сакаме да одиме напред, не треба да очекуваме дека Данска, Португалија, Словенија, Франција или на пример една Хрватска, дека ќе биде послаба, ние треба да бидеме подобри. Тие секогаш ќе бидат подобри, а ние ако очекуваме да бидат слаби во тој случај бадијала го трошиме времето.
Значи ние мораме да бидеме подобри, индивидуално да бидеме попрофесионални затоа што се занимаваме со спортот број еден во Македонија. Имаме одлични услови и одлични клубови. Секој играч треба да го го надогради индивидуалниот перформанс за да може да одговори на потребите на едно големо натпреварување како што е Европско или Светско првенство. Мислам дека тука заостануваме, никаде во светот не се случува некој да се грижи за тебе, сите се грижат за себе, а кај нас е обратно.
Ова е многу е важно ако сакаме ракометно да парираме против големите репрезентации. Сите ја познаваме базата, таа е составена од 30 до 40 играчи, од нив 20 – 25 играчи знаат дека секогаш ќе бидат помалку или повеќе на големо натпреварување.
Значи физички, ментално и психолошки секој треба индивидуално да се грижи. Македонската депресија треба да ја има помалку, треба да бидеме храбри и да не очекуваме дека Данска, Португалија и слични репрезентации ќе бидат послаби, па ние ќе ги изненадиме. Ако тоа не го сфатиме може да дојде Карло Анчелоти и да биде бадијала“, заврши Лазаров.










