Во составот на селекторот, Кирил Лазаров за престојното Европско првенство се најде дебитантот Самоил Ристевски. Кружниот напаѓач е еден од најмладите ракометари во редовите на македонската ракометна репрезентација. Имаше шанса да дебитира на неофицијален натпревар, против Хрватска во Пореч каде и се запиша во листата на стрелци.
Неговиот сон стана реалност, подготвен е да го даде максимумот, а со тоа да придонесе во националниот тим.
„Да се настапува за македонската репрезентација во земја каде што ракометот е спорт број еден претставува огромна чест и посебно задоволство. За мене „црвено-жолтиот“ дрес е гордост и светост и секогаш ќе го носам со максимална одговорност. Се надевам дека и понатаму ќе бидам дел од националниот тим и ќе придонесам во остварувањето на добри и значајни резултати“, ни изјави Самоил Ристевски.
Вели дека немал проблем да се вклопи во системот, ниту во тимот.
„Со поголемиот дел од соиграчите се познаваме од порано, па адаптацијата беше многу полесна. Сите ми помогнаа да се чувствувам како да сум одамна дел од тимот. Полека се вклопувам и во системот на работа, кој не ми е целосно непознат, бидејќи и во младинските репрезентации работевме на сличен начин“.
Што се однесува до групата во која Македонија за противници ќе ги има Данска, Португалија и Романија, тој не се плаши од предизвикот, целта на тимот е да се оствари најдобриот резултат.
„Со нетрпение ги очекувам натпреварите против силни селекции како Португалија и Данска, но никако не смееме да ја потцениме Романија, која располага со квалитетен состав. Во Хернинг одиме со јасна цел – да се докажеме и да го постигнеме најдобриот можен резултат“.










