Спалети: Не ми требаат нови играчи, ниту нови договори!

298
фото: JuventusFC (X)

Тренерот на Јувентус, Лучијано Спалети, изјави дека не му требаат засилувања во јануарскиот преоден рок и дека не го загрижува прашањето за нов договор. На прес-конференцијата пред првенствениот натпревар против Лече, италијанскиот стратег нагласи дека е целосно задоволен од постојниот играчки кадар и соработници во клубот.

Иако зимскиот преоден рок штотуку се отвори, а бројни извори тврдат дека Јувентус ќе бара засилувања во средниот ред, Спалети инсистираше дека не побарал од раководството нови играчи.

„Дојдов тука со јасни договори кога го прифатив Јувентус. Не очекувам ништо, многу сум задоволен од играчите што ги имам на располагање“, рече Спалети.

Неговата изјава доаѓа веднаш откако клубот го потврди враќањето на Марко Отолини како спортски директор.

„Тој ќе се погрижи за преодниот рок. На пазарот има можност евентуално да се комплетира тимот, но тоа не е тема што намеравам самиот да ја покренам. Задоволен сум од играчите што ги имам и засега не ми треба ништо“, рече Спалети.

Спалети го презеде Јувентус во октомври по заминувањето на Игор Тудор, а неговиот договор е до крајот на тековната сезона. И покрај одличните резултати и седумте победи во последните осум натпревари, поради што италијанските медиуми почнаа да пишуваат за продолжување на соработката, тренерот останува смирен.

„Доколку ми требаше нешто друго за да се чувствувам посигурно со подолг договор, ќе го решев тоа уште на почетокот“, нагласи стратегот на „Старата дама“.

ПретходноЈунајтед ќе плати 130 милиони евра за играч кој одиграл 90 минути еднаш оваа сезона?
СледноВардарецот Еспиња нема да брани против Македонија, отпадна од списокот на Португалија