Поранешниот тренер на германскиот бундеслигаш Вердер, Александар Нури, во иднина ќе работи во „Мекдоналдс“. Како што објавија германските медиуми, некогашниот бундеслигашки тренер ќе се фокусира на бургери наместо на играта на фудбалерите на теренот. Од почетокот на 2026 година, поранешниот тренер на Вердер Бремен и берлинска Херта ќе управува со два ресторани на „Мекдоналдс“ во Северна Рајна-Вестфалија.
Нури има 46 години, семејство, две деца, одредено искуство во професионалниот фудбал, но никогаш не бил шеф на ресторан, особено не на ресторан за брза храна. Тој вели дека малкумина сè уште го паметат од Бундеслигата како главен тренер на Вердер Бремен и Херта, но тоа и не му пречи да си почне со новата работа.
Нури аплицирал за да стане франшизер откако едно време и самиот печел бургери за време на обуката која морал да ја помине.
„На крајот на краиштата и на двете места главно е зближувањето со луѓето. Во фудбалот, тоа се играчите; тука, тоа се вработените. Но, основниот принцип е ист: мора да разберете кој седи пред вас, што ги мотивира, што треба да постигнат“, вели тој за својата нова улога.










