Иван Николов се раздели со Сондерјуске

393

Некогашниот капитен на младинската репрезентација на Македонија, Иван Николов од денеска и официјално повеќе не е член на данскиот суперлигаш Сондерјуске. Играчот за врска заминува од клубот каде што го имаше првото интернационално искуство, и дефинитивно оваа зима ќе биде на нова дестинација.

По цели 2.5 години престој во Сондерјуске, Николов се реши, секако во договор со менаџментот на клубот да го раскине активниот договор.

„Да, си заминувам од Сондерјуске . Едноставно некогаш во кариерата, па и животот, патиштата се разделуваат. Сепак, веднаш да кажам дека со Сондерјуске се разделуваме на пријателски начин. Имам само пофални зборови за клубот кој што ми даде шанса, и во изминатите сезони мислам дека истата ја искористив. Зимава заминувам во некоја друга средина, која што заедно со мојот менаџер Александар Бајевски ќе ја одбереме како најсоодветна за мене. Секако дека посакувам полна минутажа, максимален фокус и враќање на старата добра форма која што и ми го донесе трансферот во Данска. Наскоро ќе го видите Иван Николов во полн сјај“ – изјави играчот за врска за Спортспорт.

ПретходноПоредокот е направен: Еве зошто Македонија ја чека „ѓаволско“ тешка задача на Европското првенство
СледноФудбалска Србија тагува: Почина Милорад Косановиќ