Новата генерација е пред нов голем предизвик. Македонската ракометна репрезентација се подготвува за настап на Европско првенство кое од 15 јануари до 1 февруари ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка.
Вториот дел од подготовките веќе стартува, а во следниот период повеќе ќе се работи на тактичкиот дел, како и корекција на сето она што во моментов се покажува како одреден недостаток.
„Првиот дел од подготовките го заокруживме на позитивен начин и можеме да бидеме задоволни од сработеното. Имавме и контролен натпревар против Хрватска, кој ни помогна јасно да ги видиме и работите што мора да ги поправиме. Секако, имаше и многу добри моменти, што ни дава дополнителна самодоверба и потврда дека сме на вистинскиот пат. Во периодот што следи ќе се фокусираме на корекција на слабостите, а преку уште неколку контролни средби верувам дека Европското првенство ќе го дочекаме максимално подготвени“, анализира Ненад Костески.
Македонија на ЕП ќе игра против Данска, Португалија и Романија, групата е тешка и бара перфкеција.
„Групата на Европското првенство е исклучително квалитетна и ниту една репрезентација не смее да се потцени. Станува збор за сериозни противници, но токму настапот на последното Светско првенство треба да ни биде силен мотив, бидејќи тогаш покажавме дека можеме да играме на високо ниво.
Веруваме во себе и се надеваме на добар резултат. Клучно ќе биде доследно да го спроведеме сето она што селекторот ќе го побара од нас. Мора да бидеме храбри, дисциплинирани и фокусирани. Очекувам квалитетни натпревари, а зошто да не – и пријатно изненадување – пласман понатаму“, вели Костески.
Според десното крило, настапот на Светското првенство е дополнителен мотив за сите. Од шампионат во шампионат, новата генерација созрева и создава сопствен индетитет.
„Како тим полека созреваме. Подолг период сме заедно, што веќе се чувствува на теренот. Имаме силна тимска хемија и одлична атмосфера во репрезентацијата, а тоа ќе биде голем плус во сите предизвици што нè очекуваат“.










