Фудбалерите на Арсенал славеа победа на гостувањето кај Борнмут со 3:2 во рамки на 20. коло од англиската Премиер-лига.
Со петтата последователна лигашка победа, „топџиите“ дополнително се зацврстија на првото место на табелата со 48 бодови. Имаат +6 во однос на Астон Вила и +7 пред Манчестер сити, кој има и натпревар помалку.
Вчерашниот триумф беше уште една потврда за импресивната сезона на Арсенал, а статистиката покажува дека овој тим игра дури и подобро од легендарната генерација на „Непобедливите“ од сезоната 2003/04, кога под водство на Арсен Венгер лондонскиот клуб последен пат ја освои титулата во Премиер лигата.
И покрај тоа што сезонава веќе имаат два порази, избраниците на Микел Артета во оваа фаза од првенството имаат два бода повеќе од шампионскиот тим од пред повеќе од две децении. Постигнале и четири гола повеќе, а примиле само еден гол повеќе од екипата што тогаш испиша историја.
Синоќа во Борнмут, херој на победата беше двојниот стрелец Деклан Рајс, кој блесна веднаш по враќањето од повреда.
„Знаевме дека ќе биде многу тешко. Освојувањето на трите бода и начинот на кој го направивме тоа беше навистина важно. Карактерот на Габриел по грешката и начинот на кој го одигра остатокот од натпреварот го покажуваат менталитетот на овој тим“, изјави Рајс, па додаде:
„И порано ми се случувало да постигнам еден гол и да посакам уште еден, но да не успеам. Сега се случи. Ни треба придонес од секој играч во различни моменти, затоа сум среќен што можам да помогнам. Имаме тешка сезона со повреди, како и многу други екипи. Во добра позиција сме, но патот пред нас е долг“, јасен е Рајс.










