Пишува: Зоран Ѓоршоски
Во пресрет на стартот на подготовките на нашите клубови, секако и во пресрет на стартот на пролетниот дел од сезоната 2025/26, едно од главните прашања е дали Работнички ќе се спаси од најлошото, од срамно испаѓање во понизок ранг.
Култниот клуб од Градски парк или Дебар Маало кој во изминатите 27 години престој во ПМФЛ важеше за еден од најголемите, освојувач на четири трофеи во првенството и четири во Купот, е пред бездна. Клубот кој еднаш играше во плеј – офот во ЛШ и двапати во плеј – офот во Лигата на Европа само чудо може да го спаси од најлошото.
Во пролетниот дел тргнува со нов тренер, четврти оваа есен, Муарем Муарем и со верба во чудо. Имено Работнички есенската полусезона ја заврши со само 7 освоени бода на претпоследното или 11.место. Ако се знае дека директно испаѓаат последните три екипи а седмата и осмата играат бараж за опстанок, и ако се знае дека осмиот Тиквеш има 18 бода, деветиот Пелистер 16 а десетата Македонија ЃП 15, тогаш јасно е дека на Муарем и неговите играчи ќе им треба вистинско чудо. А какви се амбиците ќе се види уште во зимскиот преоден рок. Досега клубот се раздели со неколкумина играчи, е сега дали е тоа план тимот да се засили и тоа како со квалитетни играчи, ќе видиме. Ако се направи тоа тогаш јасно е дека Работнички напролет ќе оди на се или ништо, ама ако се донесат играчи како во летниот преоден рок и ако не се сака да се потрошат пари за нови квалитетни имиња, тогаш јасно ќе биде дека и Работнички знае дека не помага ни чудо па се спрема за испаѓање во ВМФЛ.
А ако тоа се случи, а речиси 99 насто ќе се случи, тогаш Работнички за првпат ќе испадне од елитата. Познато е дека овој клуб кој и во екс – Југославија играше една сезона во Првата лига, во ПМФЛ за првпат играше во сезоната 1998/99. И од тогаш нема испаднато. Во овој период испаѓаа па се враќаа во елитата и Вардар, Шкендија, Силекс, Пелистер, Шкупи, Македонија ЃП…само Работнички постојано беше дел од елитата и никогаш не беше блиску до испаѓање.
И тогаш дојде таа есенска полусезона 2025/26, да се потсетиме дека во минатата се бореше за титулата, летоска играше во Европа и веднаш несфатлив пад. Затоа велиме срамно испаѓање. Кој ли само можеше да претпостави дека на Работнички ќе му се случи катастрофа или катаклизма.
Ете, се случи и сега ќе треба ЧУДО за спас.
За крај. Што значеше Работнички за мак – фудбалот само неколку работи да кажеме.
Речиси 70 насто од играчкиот кадар на У-21 која играше на ЕП 2017 за младинци беше од играчи кои потекнуваат од Работнички и од играчи кои играле барем една полусезона во Работнички.
Речиси 70 насто од играчкиот кадар на А- репрезентацијата која играше на ЕП 2020 беше од играчи кои потекнуваат од овој тим и од играчи кои играле барем една полусезона во Работнички.
Од сегашната А-репрезентација еве кои играчи потекнуваат од Работнички или играчи кои барем една полусезона играле за овој тим:
Елиф Елмас, Столе Димитриевски, Игор Алексовски, Дамјан Шишковски, Бојан Илиевски, Ѓоко Зајков, Стефан Деспотовски, Дарко Велковски, Лука Станковски, Дарко Чурлинов, Милан Ристовски, Бојан Миовски, Димитар Митровски, Давид Тошевски.
Еве каков клуб бил некогаш Работнички!















