Гордана Нацева за првата македонска бајка: Тогаш немаше интернет, не знаевме дека цела држава е со нас

2412

Марија Ковачева

Месец јануари секогаш е резервиран за ракомет, бијдејќи машката репрезентација е редовен учесник на големите натпреварувања. Па токму во период кога сите сме насочени кон Европското првенство кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка, одлучивме да ве потсетиме на еден важен податок.

Прв национален тим кој настапил на едно големо натпреварување е женската ракометна репрезентација. Во 1997 година, Македонија беше дел од Светското првенство кое се одржа во Германија, а нашите ракометарки испишаа бајка, го освоија седмото место на овој Мундијал. 

Во „Женски Спортски Приказни“ зборуваме со иконата на македонскиот женски ракомет, Гордана Нацева. Од осамостојувањето на нашата држава и формирањето на македонската репрезентација, Нацева ја носеше капитенската лента. Таа беше сигурност и стабилност не само на голот, туку и во тимот. Нацева има 212 настапи во „црвено-жолтиот“ дрес.

Најавата за подем женскиот ракомет тргна од Мадрид, таму Македонија во меч за пласман на Светското првенство ја „шокираше“ Шпанија.

„Пласманот го обезбедивме во Мадрид, против Шпанија, како апсолутни аутсајдери, но направивме огромно изненадување. Тоа беше период на вистински подем на женскиот ракомет. Во Кометал, од 1994 година, почнаа да доаѓаат странски ракометарки и тренери, се воведе професионален систем , се чувствуваше напредокот. Како што напредуваше клубот, така растеше и репрезентацијата. Во еден момент, речиси и не знаевме дали играме за клуб или за националниот тим – бевме во постојан натпреварувачки ритам.

Базата беше клубот, а репрезентацијата имаше огромен бенефит од тоа. Постојано игравме силни натпревари, турнири, без пауза – тоа нè изгради како тим“, се присетува Гордана Нацева.

Песната „Македонско девојче“ која и ден-денеска се пее кога нашите спортисти настапуваат под знамето на Македонија за првпат била испеана токму во Мадрид.

„Во Мадрид, за првпат ја испеавме „Македонско девојче“, токму со оваа песна го прославивме пласманот на Светското првенство. Тој момент никогаш нема да го заборавам, за првпат направивме нешто големо за Македонија“.

Целиот Мундијал е посебна приказна, нешто што никој нема да го заборави. Нацева го издвои мечот против Данска.

„Највпечатлив беше мечот со Данска. Никогаш нема да го заборавам тој момент, со песна излеговме на терен, така се мотивиравме, имавме огромна трема. Во салата имаше околу 5.000 Данци, сите во еден глас ја пееја нивната химна, наши навивачи ги имаше во скромна бројка. Добро се сеќавам, ми се обрати Бубе и ми рече: Гоца многу сум возбудена, да не се изгубиме. Мојот одговор беше: Нека пејат тие сега, ние ќе пееме на крај. Постојано се охрабрувавме, се чувствувавме инфериорно, повеќето немаа слушнато за Македонија, не прашуваа каде се наоѓа нашата држава.

Данска беше со светски ѕвезди во тимот. Одигравме фуриозно прво полувреме. Едноставно беа во бунило. Победата оддекна низ целиот свет, навистина направивме големо изненадување, најавивме дека можеме да направиме добар резултат“.

Македонија групата ја заврши со три победи (Словенија, Данска и Кина), реми против Чешка и пораз од Русија. Обезбеди пласмн во четвртфиналето, а таму за противник го доби домаќинот Германија.

„Искрено, верувам дека ако не ни се паднеше Германија, имавме сила и за полуфинале. Хендикеп беше системот – се играше со само 12 играчи, сите играа во два правци, по 60 минути секој меч. Имавме една просторија за рехабилитација, инфузии меѓу натпреварите, но и покрај сè – одигравме одличен турнир.

Во мечот со Романија со многу напор го освоивме седмото место, кое носеше поволности за Европско првенство. Кога се вративме во Македонија, дури и жалевме што не сме во полуфинале – толку верувавме во себе“.

Фото: Архива Скок

Овој голем успех женската ракометна репрезентација го направи во време кога не постоеше интернет, сите во тимот не биле свесни дека во Македонија владее еуфорија. Гордана Нацева вели дека за време на целиот Мундијал не комуницирала ниту со најблиските.

„Не очекувавме дочек. Тогаш немаше интернет, не знаевме дека сме во фокусот на јавноста, до нас стигаа скромни информации за тоа што се случува во нашата земја. Кога пристигнавме во Скопје и ја видовме полиција прво се зачудивме. И реков на Индира, зар сега ќе не стопираат. Во прв момент не сфативме дека е полициска придружба. Кога ги видовме улиците полни, а пота стигнавме во центарот на Скопје, тогаш сфативме колку народот навистина го ценеше она што го направивме. Тоа беше момент кој засекогаш останува во срцето.

Бевме генерација во зрели години, генерација која конечно на репрезентативно ниво го покажа својот квалитет. Имавме професионални услови – во клубот и во репрезентацијата, за тогашно време, дури и подобри од некои машки спортови. Се водеше грижа за исхрана, анализа, подготовки. Странските тренери донесоа поинаков пристап, сериозна тактичка подготовка. Истите луѓе беа и во клубот и во репрезентацијата – тоа беше клучот“.

Гоца се присетува и на првиот меч против Словенија на Мундијалот, тогаш за првпат се интонираше и македонската химна на едно големо натпреварување.

„За мене, интонирањето на химната е нешто посебно и денес. За еден спортист, нема поголема мотивација од тоа да стои под знамето на својата држава, со солзи во очите. Благодарна сум му на Бога што го доживеав тоа и што бев дел од таа репрезентација“.

Нацева додаде дека после овој настап почнал полека да се зголемува интересот за ракомет, кој благодарение на репрезентацијата и Кометал ЃП стана спорт број еден. Имале амбиција за медал. Посакувале и пласман на Олимпијада, но се случи поразот од Романија.

Иконата на македонскиот ракомет, но и една од најголемите спортски имиња го поздрави проектот „Женски Спортски Приказни“.

„Честитки за идејата за овој проект, честитки до сите во тимот, што одвоивте простор за жените во спортот. Во овој момент кога во женскиот спорт сме доле,  потребен е еден проект како вашиот.

Многу е потешко да си жена во спортот, жена судијка, жена делегат, жена новинарка….Но, од друга страна ние  жените сме силни и треба секогаш да се дава поддршка“.


***Во мое име, и во името на редакцијата на „СпортСпорт“, посебно сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија, Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за овој проект и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноОд денеска Арсими на подготовки во Хрватска, закажани се три контроли! (ФОТО)
СледноЕкстра засилување: Струга ТЛ му го “украде“ Василев на Работнички!