Есенскиот шампион Вардар денеска потврди дека ја добиле првата сериозна побуда за трансфер на репрезентативецот на Уганда, Касим Роџерс Мато, но истата веднаш е одбиена.
Според информацијата од „црвено-црните“, станува збор за официјална понуда од екипата на Хартс од Шкотска во висина од 350.000 евра, која била одбиена без размислување.
„Управата и стручниот штаб на ФК Вардар целат кон освојување на двете титули во македонскиот шампионат, како и поубедлив настап на следните европски натпреварувања. Така што речиси воопшто не се ни размислуваше за продажба на најдобриот стрелец во лигата со постигнати 12 погодоци во полусезоната што помина. Касим Рогерс Мато е целосно заздравен од повредата (скршеница на стапало), поради која отсуствуваше од неколку натпревари, и во полна форма го очекуваме на почетокот на вториот дел од сезоната на ПМФЛ“, се вели во клупската информација.















