Реал го победи Атлетико за „Ел Класико“ во финалето на Суперкупот

425
Фото: Реал Мадрид Х

Фудбалерите на Реал Мадрид го совладаа градскиот ривал Атлетико Мадрид со 2:1 во полуфиналето на Суперкупот на Шпанија, одиграно во Џеда, и обезбедија пласман во финалето.

Избраниците на Чаби Алонсо ја продолжија победничката серија и славеа по петти пат по ред во сите натпреварувања, а фактот што го победија најголемиот градски ривал ја прави оваа победа уште послатка.

Особено ако се земе предвид дека екипата на Диего Симеоне имаше дури 21 удар кон голот, додека Реал само осум.

Уште во втората минута, Федерико Валверде постигна фантастичен гол од слободен удар од речиси 30 метри.

Раниот погодок донесе отворена игра на двете страни. Облак го одбрани ударот на Родриго, Винисиус шутираше над голот, додека на другата страна Куртоа се истакна со одбрани на ударите на Баена и Серлот.

Тандемот на Атлетико се закани и во финишот на првото полувреме, но Куртоа повторно беше сигурен. Сепак, вториот дел започна подобро за Реал.

Во 55. минута Валверде убаво го проигра Родриго, кој во трк се ослободи од Ле Норман и го матираше немоќниот голман на „јорганџиите“.

Атлетико возврати само три минути подоцна. Симеоне проби по десната страна и со одличен центаршут го пронајде Александер Серлот, кој со глава намали на 2:1.

Реал ја сочува мрежата до крајот и избори победа која го носи чекор поблиску до трофејот.

Во финалето на Суперкупот на Шпанија, тимот на Чаби Алонсо ќе се соочи со Барселона, која убедливо го елиминираше Атлетик Билбао со 5:0.

ПретходноБраво: Македонските ракометари победнички против Бахреин!
СледноПанатинаикос ја прекина „црната“ серија, Монако победнички во Валенсија