За првпат во македонската клупска историја во сезоната 2025/2026 имавме дури пет претставници во ЦЕВ европските клупски купови, од кои последниот наш тим, вицешампион Штип УГД, на Бадник, во Милано го заврши настапот во 1/16 финалето од Челинџ купот.
Во реванш дуелот со апсолутниот фаворит, италијански Алијанц Милано, македонскиот тим загуби во три сета и се одјави од Европа.
За штипскиот состав премиерата во европските клупски купови е историја и за клубот, и за градот. За да се најдат во главната рунда од Челинџ купот одбојкарите на Штип УГД мораа да ја минат првата пречка, норвешки Кол Ил, а во тоа успеаја откако во реваншот во Радовиш, прво со 3:0 ја анулираа стартната негатива, а потоа и преку „златен сет“ обезбедија пласман во 1/16 финалето.
Првите анализи по европската премиера се задоволство од постигнатиот успех и клупската историја која е испишана.
„Настапот во ЦЕВ Челинџ купот го завршивме онака како што и очекувавме пред стартот. Уште при ждрепката јасен беше нашиот пат – влез во главната фаза и двомеч со моќниот Алијанц Милано од Италија. Си поставивме за цел да ја поминеме екипата на Кол Ил од Осло, која и ја исполнивме и испишавме една историја, двојна за нашиот клуб. Првата е самото учество во ова европско клупско натпреварување, а втората е прва победа на европско тло, со која си обезбедивме и влез во главната фаза од Челинџ купот. Задоволството не само мое, туку и кај играчите, комплетниот стручен штаб, сите инволвирани во клубот, навивачите на Штип УГД кои се присутни на сите наши натпревари… Затоа верувам дека ова е нешто големо и е значаен успех и за клубот, но и за градот Штип, како и за македонската одбојка воопшто. Се надевам дека со овие резултати ќе поттикнеме пред се нови генерации да го засакаат овој убав спорт, но и останатите клубови од Македонија, да веруваат во меѓународниот успех, а со тоа да ја претставуваат Македонија и македонската одбојка. Одбојката е таков спорт што пред се создава нови пријателства, па така оваа историска авантура за Штип УГД, покрај искуството кое го стекнавме сите како екипа, стекнавме и нови контакти и пријателства од регионот и од цела Европа“, анализира тренерот Кристијан Ристески по завршувањето на настапот на Штип УГД во Челинџ купот.










