Браво: Македонските ракометари победнички против Бахреин!

5856

Македонската ракометна репрезентација запиша победа против Бахреин на првиот меч на „Жолтиот Куп“ со 32-28. Ова е прв триумф за нашите ракометари во рамките на подготовките пред стартот на Европското првенство, прв во 2026 година. 

Селекторот, Кирил Лазаров ги искористи сите расположливи сили, имаше шанса да ги испроба сите варијанти. Секако не ги отвори сите карти пред стартот на Европското првенство. Во составот на македонската репрезентација не беше младиот голман Иван Галевски.

Капитенот Филип Кузмановски беше вистински лидер на теренот постигна 9 гола од десет обиди, зад него беа Костески и Џонов со по четири погодоци, Велковски и Ѓоргиев имаа по три гола.

Македонија мечот го отвори со головите на Митев и Велковски, а на голот беше одличен и Никола Митревски. Противникот само еднаш успеа да израмни 2-2 во овој дел. Во 17-та минута Македонија поведе со 8-5 со голот на Џонов, додека во 22-та минута Ѓоргиев зголеми на 11-7. Нашите момци се разиграа, Митревски запиша значајни одбрани, Македонија ја одржуваше позитивата од четири гола (12-8, 13-9 и 14-10). Во 28 минута, нашите момци пропуштија шанса да зголемат на плус пет, па примија два гола за 14-12. На одморот резултатот беше 15-13.

Пад во концентрацијата во вториот дел беше доволна причина за да се разбуди Бахреин. Со серија од 3-1 прво намали на 17-16, а потоа со нова серија од два гола во 40-та минута го запиша првото водство на мечот 19-20.

Македонија навреме се консолидира, ја зацврсти одбараната, а на сцена настапи Филип Кузмановски, ја даде потребната цврстина во играта, го врати водството, 21-20 во 43-та минута. Нешто подоцна, Ѓоргиев и Кузмановски зголемија на плус три 23-21. На стартот на 50-та минута после тајм-аутот на Лазаров, Маркоски и Кузмановски донесоа позитива од пет гола (29-24), прва на мечот. Сето ова беше доволно за да Македонија зачекори кон победата.

Нашите момци утре ќе играат против Украина, мечот е закажан со почеток во 17:45 часот.

ПретходноДарен Флечер: Направивме повеќе од доволно за да победиме
СледноРеал го победи Атлетико за „Ел Класико“ во финалето на Суперкупот