Македонската ракометна репрезентација на вториот меч на „Жолтиот Куп“ запиша победа против Украина, откако ја совлада со 26-31. Ова е втор триумф за „црвено-жолтите“ после вчерашната победа против Бахреин.
И на оваа средба имаше лоши и добри работи. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци ќе имаат доволно време да ги корегираат сите недостатоци пред стартот на ЕП каде ќе мора да бидат пефектни бидејќи ги чека тешка задача. Она што треба да го радува Лазаров е кам-бекот во вториот дел, нашите ракометари од минус четири стригнаа до убедлива победа.
На голот на македонската репрезентација не беше Никола Митревски. Мартин Томовски и Иван Галевски поделија по едно полувреме.
Кузмановски со седум гола беше нашиот лидер и на оваа средба, Серафимов имаше три гола, исто колки и Пешевски и Велковски.
Лошо прво полувреме, особено во офанзивниот дел. Процентот на реализација беше под секое ниво. Македонија не поведе ниту еднаш, израмни на двапати 3-3 и 10-10, додека противникот кој имаше распложен голман, имаше водство од четири гола на одморот (17-13).
Во вториот дел се поправи сликата, Галевски беше на ниво на задачата, фати четири клучни одбрани, Македонија повторно се мачеше, но направи серија од 5-1 и го запиша првото водство на мечот 18-19 во 39 минута.
Серафимов со гол од седум метри донесе плус два (20-22) во 44-та минута. Украина влезе во серија на грешки, па нашите момци конечно успеаја да го казнат тоа, во 52 минута со голот на Пешевски, Македонија поведе со 22-26. На пет минути до крајот, Кузмановски со седмиот погодок потврди дека нашите момци ќе излезат како победници (23-28).
Утре Македонија го игра последниот меч, за противник го има домаќинот Швајцарија (18 часот).










