Египет е последниот полуфиналист на АФКОН. Седумкратните шампиони на Африка го победија актуелниот шампион Брегот на Слоновата Коска во четвртфиналето во Агадир со резултат 3:2, што значи дека „Црниот континент“ ќе добие нов владетел на 18 јануари.
Во полуфиналето, Египќаните за ривал ќе го имаат Сенегал.
БСК влезе во овој дуел како благ фаворит, играа одличен фудбал на турнирот, но оваа репрезентација историски не можеше да се справи со Египет, а тоа се потврди уште еднаш вечерва.
Што ќе се случи во овој натпревар навестија Сангаре и Кусуна, двајца премногу сериозни играчи, кои направија ужасни грешки во истата акција и му дозволија на напаѓачот на Манчестер Сити, Омар Мармуш, лесно да постигне гол, за 1:0.
Раниот гол му овозможи на Египет да го направи она што најдобро го знае – да се затвори, да застане во тесен блок и да чека транзиции и контра напади преку Мармуш и Мохамед Салах.
Секако, тие чекаа и прекини и по корнер во 32-та минута, ја удвоија предноста.
Салах центрораше од левата страна, а стоперот Рами Рабија беше најдобар во скокот и постигна гол со глава за 2:0.
„Слоновите“ не се предадоа, нападнаа, и се вратија во натпреварот во 40-та минута, кога по остар центаршут од Диоманде, Египќанецот Ахмед Фатих несмасно ја затресе својата мрежа, за 2:1.
Второто полувреме започна со жестоки напади од страна на БСК, кој сепак беше „нокаутиран“ во 52-та минута.
Беше „шах-мат во три потези“, на крајот Мо Салах реагираше во негов стил, беше побрз од голманот и постигна гол, за 3:1.
Шампионот не сакаше да се откаже туку-така, па во 73-та минута повторно се приближи до гол заостанување.
Стрелец по корнер и голема гужва во шеснаесетникот на Египет беше левиот бек Гела Дуе, брат на Дезире Дуе, играч на ПСЖ и француски репрезентативец за конечни 3:2 за “фараоните“.










