По шест месеци минати во Кувајт, македонскиот одбојкарски репрезентативец Александар Љафтов се врати во Европа. Во вториот дел од сезоната 2025/26, репрезентативниот примач ќе го носи дресот на унгарскиот прволигаш МАВ Елоре од Шекесфехервар.
Веднаш по Нова година, Љафтов им се приклучи на своите нови соиграчи во Унгарија и е најавен како едно од клучните засилувања за тимот во борбата за шампионската титула во тамошното првенство. Екипата на МАВ Елоре по осум одиграни натпревари има исто толку победи и заедно со Фино Капошвар се единствените две непоразени екипи во унгарската Екстралига. Дебито за новиот тим ќе го има веќе во среда на гостувањето против Дунафер.
Љафтов кој во кариерата имаше можност да игра во бројни светски тимови, за првпат доаѓа во првенството на Унгарија. Со ова негово враќање во Европа во вториот дел од сезоната тој сигурно ќе има далеку поквалитетни натпревари за да може да влезе во оптимална форма и за следниот настап со нашата репрезентација на Европското првенство во септември.










