Македонската ракометна репрезентација одбројува до стартот на Европското првенство. Нашите момци веќе се во базата во Силкеборг, а денеска го одработија првиот тренинг од последната етапа пред вистинските битки.
Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци на првиот меч од шампионатот силите ќе ги одмерат против домаќинот Данска (16. јануари), натпреварите од нашата група се играат во Хернинг. Два дена подоцна е дуелот со Португалија, додека групната фаза ја завршуваме на 20. јануари против Романија.
Овие денови ќе бидат посветени на финална подготовка, Лазаров има јасна слика што треба да се корегира. На ЕП, Македонија влегува во одлична атмосфера, зад себе го има доброто издание на „Жолтиот Куп“ каде запиша две победи и реми.










