Дали по Клисман Цаке, кој пред неколку дена направи трансфер во Ахмат Грозни, и уште еден фудбалер на Шкендија ќе се пресели во Суперлигата на Русија? А тоа е Роналдо Вебстер. Имено како што дознава “СпортСпорт“, Шкендија има понуда од Русија, поточно од Нижни Новгород за интернационалецот од Јамајка, вредна 900.000 евра. Секако дека ова се големи пари за наши услови и ако тетовци решат да кажат -ДА за овој трансфер тогаш тоа ќе биде еден од најголемите излезни трансфери во ПМФЛ, ако не и најголем.
Инаку за него интересот експлодирал по мечот со Слован на кој Вебстер одигра фантастично.
Во овој клуб игра и Реиналдо Цефас, исто така од Јамајка, напаѓач кој некогаш го носеше дресот на Шкупи.
Исто има интерес од Русија и за Фабрис Тамба, но засега нема ништо поконкретно. Инаку нашите информации велат дека Шкендија за Тамба бара најмалку 800.000 евра. Кога сме кај напаѓачот од Сенегал, за него интерес пројавил Клуж, имало и понуда, но таа била премала за клуб како Шкендија, кој напролет ќе игра во нокаут – фазата во Лигата на Конференции.
Ова значи дека Русите “побудалеа“ по играчите на Шкендија.
Кога сме кај интересот, секако дека на овој список се речиси сите играчи, а најмногу се “гризе“ и за Имран Фетаи, Анес Меличи, Бабукар Гаје, секако и за репрезентативецот Решат Рамадани кој е под договор со Динамо Киев е во Шкендија е на позајмица.















