Интервју со Билјана Црвенкоска: Знаењето нема пол, авторитетот се гради!

309

Марија Ковачева

Жена тренер во машки спорт кај нас, но и пошироко сè уште е реткост. Во средина каде што предрасудите често се погласни од шансите, една дама со години храбро им пркоси на стереотипите и докажува дека квалитетот нема род. Поранешната македонска репрезентативка, Билјана Црвенкоска е помошен тренер во РК Алкалоид и во македонската ракометна репрезентација, каде што соработува со Кирил Лазаров.

Во „Женски Спортски Приказни“ го раскажува својот пат, вели дека чекорите не се лесни, предизвиците се бројни, но упорноста и истрајноста секогаш биле посилни. Црвенкоска потенцира дека дека знаењето нема пол, а авторитетот се гради со компетентност и доследност. Во интервјуто објаснува во кој момент епитетот „жена во машки спорт“ исчезнува и стануваш само тренер.

Билјана е во Данска со македонската ракометна репрезентација, која за три дена ќе го стартува на Европското првенство. Црвенкоска е вистинска инспирација за секоја дама што ќе сака да го чекори нејзиниот пат, таа е синоним за професионалност.

🤾‍♀️Ти си единствениот женски тренер во Македонија кој добил доверба да биде дел од машки сениорски клуб што се натпреварува во најсилниот домашен ранг, но и на европската сцена, а воедно си и дел од стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација.
Колку беше тежок патот до едно вакво големо остварување? И покрај знаењето и стручноста, што беше пресудно – упорноста или истрајноста?

„Патот до ова остварување беше предизвикувачки и далеку од лесен. Да се биде жена тренер во машки сениорски спорт, особено на највисоко ниво во Македонија значи постојано да мораш да се докажуваш. Имаше моменти кога беше потребно трпение, ментална сила и верба во сопствениот пат.

Знаењето и стручноста се основа без која не се може, но не се гаранција за успех. Она што беше пресудно е комбинацијата од упорност и истрајност. Упорноста ме туркаше напред, а истрајноста ми помогна да останам доследна на себе, на своите принципи и на начинот на работа, без разлика на предрасудите или сомнежите од околината.

Довербата што ја добив од Ракометниот клуб Алклаоид ја гледам како резултат на континуирана работа, професионален однос и искрена посветеност. Ова не го доживувам само како личен успех, туку и како чекор напред за спортот во целина – доказ дека квалитетот, знаењето и работната етика немаат пол, туку вредност, а сето тоа се поткрепува со здрава клубската средина каде што трудот, посветеноста и професионализмот се препознаваат и вреднуваат на вистински начин“.

🤾‍♀️Колку пати на овој пат мораше да докажуваш дека знаењето нема пол и дека теренот е единственото мерило за вредност?

„Искрено – многу пати. Кога си жена во машки сениорски спорт, довербата мора да се добие со работа, резултати и конзистентност. Имаше ситуации кога не беше доволно само да сум подготвена, туку мораше да бидам чекор пред сите, попрецизна во работата, посигурна во секој збор и потег. Не затоа што така треба да биде, туку затоа што реалноста тоа го наметнува. Но, токму тие моменти ја зацврстија пораката дека знаењето нема пол, а авторитетот се гради со компетентност и доследност.

Со текот на време, докажувањето престанува да биде борба и станува резултат. Кога играчите, колегите и јавноста ќе почнат да те вреднуваат според она што го носиш на теренот и во работата, а не според тоа кој си, тогаш знаеш дека си го поминала најтешкиот дел од патот“.

🤾‍♀️Што е потешко – да се добие шанса или да се оправда довербата еднаш кога ќе ја добиеш?

„Шанса не се добива често, но кога ќе се добие треба да се искористи, а за тоа најголема улога има трпението и вербата во тоа што го работиш, додека да се оправда довербата е потешкиот дел од работата, бидејќи треба да поткрепиш зашто воопшто си добила шанса. Би рекла дека и двете се подеднакво тешки но на различен начин“.

🤾‍♀️Почувствува ли некогаш дека некој од клубот, играчите, противничките тренери, судиите гледаа на твојата позиција со вчудоневидување, па дури можеби и со потценување?

„Имаше такви моменти, но само од страна на противнички екипи, најголем дел надвор од Македонија. Во клубот или во репрезентацкијата никогаш не сум почувствувала дека некој не ме почитува или ме потценува, напротив секогаш сум имала професионален однос и почит од страна на колегите и играчите“.

🤾‍♀️Денеска соработуваш со едно од најголемите имиња во македонскиот и светскиот ракомет – Кирил Лазаров, и во Алкалоид и во репрезентацијата. Претходно беше дел од тренерскиот тандем со Роберто Гарсија Парондо во Вардар. И до двата тима успеа да освои европски пехари.  
Колку е важно да работиш со луѓе кои ти веруваат и ти даваат простор да бидеш тоа што си – тренер со став и визија?

„Работата со луѓе кои ти веруваат е од клучно значење. Со Кирил Лазаров постои јасно чувство дека си дел од процесот, а не само позиција во стручниот штаб. Таа доверба ти дозволува да бидеш свој. Кога знаеш дека твојот глас се слуша и се почитува, работиш послободно, похрабро и со поголема сигурност, а тоа директно се рефлектира и на тимот.

Европските трофеи се резултат на многу фактори, но довербата и меѓусебната почит се темелот врз кој сè се гради. Кога работиш со луѓе кои те гледаат како рамноправен тренер, тогаш успехот не е случајност, туку резултат на заедничката работа“.

🤾‍♀️Да се биде жена во машки спорт кај нас сè уште е реткост. Како успеа да изградиш авторитет во средина полна со силни карактери и големи имиња? Што е најважно за една жена најпрво да биде почитувана, а потоа и сериозно сфатена?

„Во средина полна со силни карактери и големи имиња, многу брзо станува јасно дали си подготвена и дали знаеш што бараш. За една жена во машки спорт, клучно е најпрво самата да си го постави стандардот и да не се обидува да се вклопи по секоја цена. Почитта се гради кога стоиш зад својот став, но и да знаеш да послушаш. Мора да постои баланс. Кога еднаш ќе те препознаат како некој што работи чесно, бара но и дава поддршка, тогаш престануваш да бидеш „жена во машки спорт“ и стануваш тренер, а тоа е моментот кога почнуваш да бидеш сериозно сфатена“.

🤾‍♀️Имаше можност да го водиш Вардар како главен тренер на два натпревара, на едниот од нив успеа да го победиш Веселин Вујовиќ.
Какво искуство беше тоа за тебе? Имаше ли трема, што те плашеше најмногу и што научи за себе во момент кога на располагање имаше тим полн со ѕвезди?

„Кога застанав на клупата на Вардар како главен тренер, почувствував возбуда и стрес. Имав многу трема и страв, но не страв од резултатот на самиот натпревар, туку страв дека нема да успеам да го искористам моментот и шансата што ми беше дадена. По натпреварите сфатив дека тремата и стравот не се слабост, туку знак дека ти е грижа, дека сакаш да растеш како тренер и дека имаш одговороност.

Победата над Веселин Вујовиќ не беше само резултат, беше потврда дека можеш да се справиш со стравот и да ги водиш големите имиња со сигурност и доверба“.

🤾‍♀️Имало ли момент кога си почувствувала дека товарот да бидеш „прва“ и „единствена“ е потежок од самиот тренерски предизвик?

„Не, не сум почувствувала дека товарот да бидам „прва“ и „единствена“ бил потежок од самиот тренерски предизвик“.

🤾‍♀️Во тек се подготовките за ЕП 2026 година. Ти си дел од процесот на подмладување на репрезентацијата и градење на истата на цврсти темели? Што е потешко да работиш со тим во кој има ѕвезди или пак со состав кој е млади и не е толку искусен?

„Со тим полн со ѕвезди мораш да ги усогласиш индивидуалните карактери. Со млад тим, предизвикот е да се изгради карактер, самодоверба и тимска свест, а токму тоа е начинот за да се создадат темели на репрезентацијата.

🤾‍♀️Каква е атмосферата во националниот тим, колку успешниот настап на СП во Хрватска има позитивно влијание кај сите? Што можеме да очекуваме во Хернинг?

„Атмосферата во репрезентацијата е одлична. Настапот на СП во Хрватска остави позитивен впечаток, но пред нас е нов предизвик, работиме со фокус на она што следи, односно ЕП во Хернинг, каде ќе имаме максимален пристап на секој натпревар“.

🤾‍♀️Кои се твоите желби на професионален план за оваа 2026 година?

„По природа сум скромна, но на професионален план не сум. Посакувам во 2026 година, со мојот клуб РК Алкалоид да освоиме титули во Македонија, а со репрезентацијата на Македонија да направиме поголем успех од минатата година“.

 


***Во мое име, и во името на редакцијата на „СпортСпорт“, посебно сакам да им се заблагодарам на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за овој проект и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноИ официјално: Вуко Борозан и Вардар се разделија
СледноАрсими заврши со циркусот во Хрватска!