Ракометарите на МРК Куманово, вчера и официјално ги почнаа подготовките за вториот дел од сезоната. Кумановци се под водство на новиот тренер Александар Радосављевиќ, со кого ќе се обидат во вториот дел од сезоната да дојдат до многу подобри резултати во ракометна Супер Лига.
Првиот тренинг се одржа во спортската сала на ОУ ” Христијан Тодоровски-Карпош”, каде ќе се одвиваат тренинзите во подготвителниот период. Според планот на српскиот стратег и неговиот стручен штаб ќе се тренира по двапати дневно, а се планирани и две пријателски средби до стартот на шампионатот на почетокот на февруари.
Радосављевиќ на првата прозивка на располагање ги имаше сите ракометари на кои ќе смета, освен на Христијан Михајловски, Стефан Лазаревски и Огњен Радојичиќ кои нема да бидат дел од тимот во вториот дел од шампионатот.










