Ѓорѓе Џеков би можел во наредните неколку дена да стане нов фудбалер на тетовска Шкендија! Првакот на Македонија е подготвен да го израмни сопствениот рекорд и да плати сума од 150.000 евра за отштета која клубот од Кратово ја бара за слободата на левоногиот стопер и стандарден репрезентативец на нашата селекција до 21 година.
Џеков има одлични настапи за Силекс и тој во моментов би бил замена за Клисман Цаке кој замина во рускиот тим Акхмат Грозни за кој Шкендија наплати 400.000 евра. Она што го дознаваме е тоа дека тренерот Јетон Беќири инсистира во своите редови да го види младиот Џеков кој би требало да биде големо засилување во одбрамбената линија. Преговорите со хрватскиот стопер Лука Думанчиќ од Жалгирис сеуште го немаат потребниот ефект. Кога сме кај рекордните трансфери – Шкендија пред една деценија плати токму 150.000 евра на Металург за услугите на Маријан Радески а во тоа време и ФК Вардар даде 140.000 евра за потписот на Дарко Велковски.
Тоа сеуште се рекордните внатрешни трансфери во Македонија.










