Шампионот на Македонија, тимот на Пелистер денес ги започна подготовките за вториот дел на сезоната. Без девет репрезентативци, кои ќе настапат на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, пелистерци одржаа работен состанок и прв тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“. Под палката на асистентот Алексо Лембанов, ракометарите ја одработија првата тренинг сесија.
Деновиве се очекува пристигнувањето на новиот тренер Стевче Алушовски и комплетирање на ростерот со доаѓањето на Алем Хаџиќ и Саид Хаидарирад. Во текот на месец јануари Еурофарм Пелистер ќе се подготвува во Битола и ќе одигра неколку тест натпревари.
Првиот официјален натпревар во Суперлигата Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 7 февруари против Еурофарм Пелистер 2. Лигата на шампионите продолжува на 19 февруари со домашниот дуел со Висла Плоцк.










