Македонската ракометна репрезентација ги одбројува последните часови до стартот на настапот на ЕХФ ЕУРО 2026, а атмосферата во таборот на „црвено-жолтите“ е на високо ниво. Левото крило Петар Атанасијевиќ за ЕХФ открива дека тимот се чувствува подготвено и мотивирано за предизвиците што следуваат.
„Се чувствуваме многу добро.Сè оди според планот“, вели Атанасијевиќ.
Подготвителниот турнир во Швајцарија, каде Македонија одигра контролни мечеви против Украина и домаќинот, бил важен чекор во градењето на формата.
„Тоа беше добар турнир, особено натпреварот со Швајцарија. Се играше брзо и квалитетно, а најважно е што видовме дека можеме многу кога веруваме во себе.“
Како најголема сила на оваа македонска селекција, Атанасијевиќ ги истакнува тимската игра и заедништвото.
„Нашата најголема сила е што веруваме еден во друг. Постојано играме заедно во домашната лига, добро се познаваме, знаеме како размислува секој и тоа многу ни помага во репрезентацијата.“
Тимскиот дух, според него, се гради на едноставен начин.
„Се дружиме, пиеме кафе, разговараме, се смееме – ништо посебно, нормални работи.“
Кога станува збор за натпреварот на кој најмногу се радува во групната фаза, Атанасијевиќ без двоумење го посочува дуелот со Португалија.
„Најмногу се радувам на мечот против Португалија. Мислам дека имаме шанса и дека можеме да покажеме што знаеме.“










