Митревски: Тимот е доволно созреан за да направиме нешто плус на големите натпреварувања!

324

Марија Ковачева

Уште два дена остануваат до првиот натпревар за македонската ракометна репрезентација на Европското првенство. Нашите момци ги чека тешка задача, ќе ги одмерат силите со светскиот и олимписки првак Данска (16. јануари/20:30 часот), два дена подоцна е дуелот со Португалија, додека на последниот меч од групната фаза ќе се сретнеме со Романија.

Пред Европското првенство разговарме со Никола Митревски. Искусниот голман и на ова големо натпреварување ќе биде еден од главните столбови, и на теренот, но и надвор од него.

Ти си еден од ретките искусни ракометари во тимот, кој заедно со младите ракометарите го мина процесот на промена на генерацијата во националниот тим. Колку тимот порасна и напредуваше во изминатите години?

„Поголемиот дел од овие играчи, веќе имаат доволно искуство од играње на светски и европски првенства. Со настапот на секое претходно првенство, секој од нив расте и созрева, така да мислам дека веќе тимот е пораснат и созреан доволно за да се направи нешто плус на големите натпреварувања“, вели за СпортСпорт, Никола Митревски. 

Може ли да кажеме дека веќе имаме основа и изградени темели?

„Па да, секако, селекторот од одамна ги постави темелите, а ние работиме доста време сите заедно и доволно се познаваме за да кажеме дека сме како едно“. 

Не чека голем предизвик на ова Европско првенство, отвараме против Данска (светски и олимписки првак), тешко е да се најдат слаби страни. Што ќе биде клучно за да бидеме во чекор со еден ваков противник?

„Знаеме дека Данците во последните години се неприкосновени, главни фаворити на било кој турнир и да се појават, ќе биде пеколно тешко да се следи нивниот ритам, но ако успееме во тоа, сигурно дека ќе пружиме достоен отпор“. 

Во нашата група уште се и Португалија и Романија. Играше долго време во португалскиот шампионат, па добро познаваш дел од играчите, каква игра треба да ја краси Македонија против уште една ваква квалитетна репрезентација?

„Одиме да се надигруваме со двете селекции, Португалците многу напредуваа од 2020 година наваму, играат брз ракомет, знаат што сакаат, имаат врвни играчи. Но, секако дека имаат слаби страни во својата игра, а ние треба да ги искористиме тие слаби страни и слаби моменти за да се обидеме да направиме изненадување“. 

Романија е последниот противник, немаше добри резултати во подготовките, сигурно не треба да се потцени, но сите ја гледаме како селекција против која имаме најмногу шанси за победа?

„Сигурно ќе бидеме фаворити на тој натпревар, но не потценувам ниту една селекција што се пласирала на Европско првенство, а уште помалку Романија бидејќи го познавам нивниот селектор, којшто ми беше соиграч во Констанца и знам дека ќе направи се за да дојде до поволен резултат на тој натпревар“. 

За македонската ракометна репрезентација ова Европско првенство ќе биде деветто во историјата, осмо по ред.

ПретходноМексиканската тениска сензација целосно изгоре на сонце: Австралија не е шега
СледноЛоши вести за Милан, новиот напаѓач скрши прст