Болоња со победа кај Верона ја прекина лошата серија

12
ФОТО: Bologna Fc 1909/FB

Во одложениот натпревар од 16-то коло од италијанската Серија А, Болоња вечерва славеше како гостин на „Бентегоди“ со 2:3. Со ова заврши лошата серија на Болоња која треше речиси два месеци без победа во Серија А и се проби до осмото место со 30 бода, додека Верона сè уште е последна со 13 освоени бода.
Верона поведе по контранапад во 13-тата минута од натпреварот со голот на Орбан.
Израмнувањето се чекаше до 21-вата минута. Гостите изнудија слободен удар од десно, на висина на шеснаесетникот. Фројлер ја проигра топката кратко до Орсолини, кој влезе во шеснаесетникот и од околу 14-15 метри, дијагонално ја испрати топката од десната страна во спротивниот агол – прекрасен гол за израмнување на 1:1!
Осум минути подоцна – целосен пресврт. Од својата половина од теренот, Миранда испрати долга топка на левата страна за Домингез, кој веднаш ја испрати топката во средината за Одгард, а тој испрати прецизен удар од околу петнаесет метри во долниот десен агол од голот на голманот Монти – 1:2.
И потоа, во 43-та минута, евроголот на Сантијаго Кастро! Тој шутираше од речиси истото место како и Одгард за вториот гол, но го направи тоа со неодбранлив волеј на додавањето на Побега, а топката се одби од пречката и заврши во мрежата за 1:3 во корист на Болоња.
Верона не се откажа и ја врати неизвесноста на резултатот во 71-та минута. Тоа беше контра од домашните, Орбан избега по десната страна, потоа испрати центаршут во шеснаесетникот, а Ремо Фројлер, во обид да интервенира, ја испрати топката во сопствената мрежа и го совлада својот голман Раваља – 2:3.

ПретходноДушебаев им даде „тронка“ надеж на фановите на Вардар 1961
Следно“Бомба“ од Германија: Јирген Клоп сериозно размислува да се врати на тренерската работа, има две опции!