
Македонската ракометна репрезентација вечерва (20:30 часот) пред полни трибини во Арената „Јиске Банк боксен“ ќе ги одмери силите против Данска во првиот меч на Европското првенство. Нашите момци противник во групната фаза ги имаат уште Португалија и Романија.
Пред дуелот со Данска, Марко Митев за СпортСпорт ги сподели своите очекувања за шампионатот.
Часови не делат од стартот на ЕП. Имавте добри подготовките, дали ова нова генерација е подготвена за големиот предизвик во Хернинг?
„Подготовките пред вакво големо натпреварување се многу важен сегмент за настапот кој ни следи. Имавме одлични подготовки и спремни сме за овој голем предизвик што не’ очекува. Желба и цел на тимот е да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, вели Митев.
Имаме пеколна група, отвараме против олимпискиот и светски првак Данска. Тешко е да се најдат слабости за овој противник, видовме и на подготовките дека е совршена. Каква Македонија треба да видиме на терен, кој се најважните совети од селекторот за овој дел?
„Групата која ја добивме е тешка и сите кои следат ракомет, знаат што значи да ја имаш Данска како противник и каква репрезентација е тоа. Ние сме релативно млад тим. Но знаеме да покажеме добар ракомет и борба на теренот. Не е едноставно и лесно да победиш репрезентација каква што е Данска, но ништо не е невозможно. Сепак, важно е да сме фокусирани, да го спроведеме она што ќе се побара од нас и секако да покажеме заедништво на теренот“.
Очекувања за останатите два противници во групата (Португалија и Романија)?
„Не очекувам дека овие два натпревари ќе бидат полесни. Сите што учествуваат на ова Европско имаат иста цел: победа и добар пласман. Затоа и со овие две репрезентации очекувам тешки натпревари, но сепак се надевам на позитивен исход за нас“.
Што треба да не краси на ова Европско првенство? Видовме на претходно Светско првенство дека темелите на новата генерација веќе се цврсто поставени, што треба да пренесете од Хрватска во Хернинг?
„Сплотеност, фокус на натпреварот и цврста игра се одлики кои треба да ги имаме како тим на ова Европско првенство. Мотивирани, борбени и со поддршка еден за друг треба да покажеме дека местото на Македонија е со најдобрите. Да се обидеме да обезбедиме колку што е можно подобар пласман и со тоа да ја направиме горда цела Македонија“.










