
Македонската ракометна репрезентација со пораз од Данска го отвори Европското првенство. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци беа совладани од актуелниот светски и олимписки првак со 36-24. Данска на дело покажа зошто е еден од главните фаворити за златниот медал на овој шампионат, овој тим е вистинска ракометна машина составена од бројни ѕвезди.
Иван Џонов беше задолжен да го чува Матијас Гидсел, еден од најдобрите ракометари во светот. Ова беше прв дуел за македонскиот ракометар против данската ѕвезда.
„Таква беше тактиката, да се обидеме да го запреме, да му го лимитираме времето во кое ќе ја има топката во раце. Мислам дека делувавме добро од тој аспект, Данска тргна и со седум на шест за ние да мораме да се повлечеме во зона во одбраната. Ова ми беше првпат да играм против него, ми беше чест бидејќи Матијас Гидсел е најдобар светски ракометар. Атмосферата беше фантастична, знаевме дека Данците ќе се мотивирани, но дел од тактиката секако беше да се обрне посебно внимание на Гидсел“, истакна Џонов.
Македонија денеска е слободна, утре игра против Португалија во 18 часот.










