Во Данска, ракометот не е само спорт – ракометот е стил на живот!

81

Ракометниот храм „Јиске Банк Бокс“ Арена уште на првиот меч на Данска на Европското првенство беше исполнет до последното место. 15.000 гледачи, во голем дел или 90% беа во црвено-белата боја, во знакот на најголемиот фаворит за освојување на златниот медал на овој шампионат.

Уште пред првиот свиреж на судиите, можеше да се почувствува магичната атмосфера, која не може да се опише ниту со зборови, ниту со фотографии или пак видео-снимка, мора да се биде на лице место за да се доживее тоа посебно чувство кое го обзема секој присутен во салата.

Во Данска ракометот не се гледа – за ракометот се живее. Среќа во несреќа, новата генерација на Македонија ја имаше таа чест да игра против Данска на стартот. За секој во тимот треба да биде само голем плус, бидејќи нашите момци играа пред една феноменална атмосфера, против актуелниот светски и европски првак.

Во центарот на вниманието беше една од трибините позади голот. А таму погледот беше уникатен. Трибината е на стоење, Данците останаа на нозе цел меч, ни малку не им беше тешко, бидејќи тие едвај го чекаа денот кога нивната репрезентација повторно ќе се врати дома, со надеж дека после 14 години ќе го подигне европскиот пехар.

Колку навистина го сакаат ракометот, покажаа и пред мечот. Иако дуелот со Македонија беше закажан со 20:30 часот, данските фанови пред сала беа во 16 часот. Тоа е спортска култура која се негува со години. Зошто да не дојдат и порано, во Арената има фан-зона колку една цела сала во македонски услови, има забава за секого.

Оваа атмосфера во Хернинг не се купува – таа се гради со години. Со традиција, со успеси и со публика што знае да го препознае и почитува ракометот.

Данска дишеше за ракомет. А Македонија беше дел од таа магија.

ПретходноМуриќи херој на Мајорка во голеадата против Билбао
СледноПикерот на Вардар доби суспензија од два меча на ЕП 2026