Аларов дебитираше на ЕП: Би сакал овој шампионат да го паметам засекогаш!

125

Македонската ракометна репрезентација после поразот од Данска денешниот ден ќе го посвети на подготовка за следниот тежок предизвик на Европското првенство, селекцијата на Португалија.

За дел од играчите во нашиот состав, ова е прво Европско првенство или општо големо натпреварување во дресот на Македонија. Еден од нив е Михаил Аларов. Пивотот на Алкалоид вчера ги одигра првите минути на едно големо натпреварување и тоа против еден противник како што е Данска, актуелен светски и олимписки првак, претедент за златниот медал.

„Навистина е голема чест и задоволство да се носи националниот дрес. Игравме против еден квалитетен противник, фактот дека се главен фаворит за златниот медал доволно говори за нивната сила. Среќен сум што имав шанса да играм во една таква атмосфера, пред 15.000 фанови. Не успеавме да ги изненадиме, но имавме добри моменти на мечот, и секако ситуации од кои треба да извлечеме поуки и да одиме напред“, ни изјави Михаил Аларов.

Тој посакува ова Европско првенство да го памети по добар резултат, а тоа значи и изненадување против Португалија.

„Португалија е уште едена селекција во низата од која се очекува, но и која е дојдена да освои медал. Не се на ниво на Данска, но играат одличен ракомет и се фаворити против нас. Но, ние ќе го искористиме краткото време за подготовка за да можеме да излеземе и да одиграме одличен натпревар. Мора да бидеме поцврсти во одбранта, дисциплинирани во нападот, да не кажам перфектни за да можеме да направиме изненадување. Би сакал ова Европско првенство да го паметам по добар резултат, тоа значи пласман во следнат рунда“, додаде Аларов.

Мечот меѓу Македонија и Португалија се игра утре со почеток во 18 часот.

ПретходноЕмре Џан и донесе три бода на Борусија Дортмунд
СледноБарнли му „откина“ бод на Ливерпул