
Македонската ракометна репрезентација денеска (18 часот) го игра вториот натпревар на Европкското првенство. Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци за противник имаат уште една земја која е дојдена по медал – Португалија.
Овој меч за „црвено-жолтите“ ќе биде одлучувачки во однос на главната рунда. Пораз ќе значи дека Македонија после завршување на групната фаза ќе се пакува за дома. И Португалците се еднакво добро како и Данска, можеби не се ист ранг, но фактот дека лани на Светското првенство играат полуфинале доволно говори за нивниот квалитет.
И ние имаме свои адути. За да бидеме второто големо изненадување во Хернинг и општо на Европското првенство задолжителна ќе биде перфекцијата. Ракометарите се свесни дека мора да ги намлат техничките грешки од претходната средба и да го одиграат најдобриот натпревар.
„Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчера. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, рече селекторот Кирил Лазаров.
Во составот на Македонија за оваа средба треба да бидат Никола Митревски и Жарко Пешевски, кои поради ситни повреди не настапија против Данска.
Мечот меѓу Македонија и Португалија е закажан со почеток во 18 часот, во „Јиске Банк Боксен“ Арената. Нашата селекција отвори со пораз од Данска, додека пак противникот без проблем славеше против Романија која вечерва ќе ги одмери силите со домаќинот.










