Пешевски: Треба да бидеме горди на себе, Македонија треба да биде горда на овие млади момци

171

Останува моментот дека Македонија во последната минута можеше да дојде до целиот плен против Португалија. Мартин Томовски на двапати го спречи противникот да поентира, но топката несреќно се одби од рацете на Мартин Серафимов, па останува отворено прашањето дали ние ќе успеевме да реализираме во последните секунди.

Два бода ќе значеа дека Македонија ќе треба да ја победи Романија и да не чека услуга од други селекции за пласман во главната рунда. Еден од најускусните во нашите редови Жарко Пешевски вели дека треба да жалат што не дојдоа до победа, но и треба сите да бидеме горди на она што го видовме против една селекција како што е Португалија.

„Да, жалиме што не победивме затоа што можевме самите да решаваме за нашиот пласман во главната рунда, сега ќе треба некој друг да решава за нас. Сепак, одигравме храбро, изгинавме на терен 60 минути. Како да ни е судбина да се враќаме по големи негативи, но покажавме карактер со камбекот против еден ривал како што е Португалија. Треба да бидеме горди на себе, Македонија треба да биде горда, јас сум среќен, оваа репрезентација, овие млади момци имаат блескава иднина“, изјави Пешевски.

Македонија и Романија играат утре со почеток во 18:30 часот.

ПретходноДончиќ остана без кош во последната четвртина (ВИДЕО)
СледноРемито со Португалија и отвара други порти на Македонија!