Македонската ракометна репрезентација денеска (18 часот) во Хернинг го игра последниот меч од групната фаза на Европското првенство. Противник на Кирил Лазаров е селекцијата на Романија. Ние освоивме еден бод против Португалија, додека пак Романците имаат два порази. Победа на овој натпревар ја посакува и противникот, исто како и нас, па ќе биде доста интересно.
Во таборот на Романија се свесни дека ќе мораат да одиграат на врвно ниво доколку сакаат да ги освојат бодови. Велат дека Македонија е анализирана.
„Ја гледавме Македнија на двата натпревари и со Данска и со Португалија. Одиграа два добри натпревари, мислам дека имаат многу добар тим и играат одлична агресивна одбрана за која мислам дека им е најсилната страна. И нападот не е лош, но одбраната е подобрата страна. Ќе биде, многу, многу тешко и ќе биде многу фајтерски. Ако сакаме победа ќе мора да пружиме многу силна борба. Мислам дека екипата што ќе пружи повеќе борбеност ќе победи“, изјави Роберт Наѓ.
Романците не кријат дека на шампионатот влегле со големи очекувања.
„Со големи очекувања влеговме во овој шампионат. Ова ни е втор настап по ред и сакаме да го подигнеме нашето ниво и да почнеме да победуваме, затоа што ни е многу важно и нас и на целата држава.
Засега не успеавме да победиме, но се надеваме дека на третиот натпревар ќе успееме да извојуваме победа што ќе биде прва по 30 години на Европско првенство.
Ќе биде тешко, Македонија има добар тим, добро игра, но ние ќе се бориме и ќе направиме сѐ за да се радуваме“, ни изјави романскиот ракометар Раду Гита.










