Илиевски си поднесе оставка, раководството на МКФ истата ја прифати!

290

Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација, на седницата одржана на 20ти јануари 2026 година, ја разгледа и едногласно ја прифати оставката на селекторот на машката сениорска репрезентација, г. Марјан Илиевски, поднесена непосредно пред почетокот на седницата.

Иако Управниот одбор беше изненаден од ваквата одлука, Федерацијата во целост ја почитува личната и професионалната одлука на г. Илиевски и уште еднаш упатува искрена благодарност за неговиот ангажман, професионалност и придонес во периодот додека ја извршуваше селекторската функција, со желби за многу успех во неговата понатамошна кариера.

Во продолжение на седницата, Управниот одбор донесе една од најзначајните одлуки во последниот период, со која се поставуваат темелите за нов, поорганизиран и стратешки пристап во работењето на репрезентативната кошарка.

Едногласно беше донесена одлука легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, да биде назначен за Координатор на сите национални репрезентативни селекции.

Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.

Неговото огромно меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови ќе бидат ставени во функција на унапредување на работата на сите сениорски и младински национални селекции, подобра координација меѓу нив, како и дефинирање на стратешки насоки за нивен долгорочен развој.

Во таа насока, Управниот одбор изразува очекување дека во најкраток можен рок, токму преку предлог на новоименуваниот координатор, ќе биде дефинирано и решението за селекцијата на нов селектор на машката сениорска репрезентација, со што ќе се обезбеди стабилност и навремена подготовка за претстојните репрезентативни обврски.

Покрај ова, Управниот одбор ги утврди критериумите за избор на стручни лица во рамки на Спортската академија, како и формирање на комисија задолжена за утврдување на исполнетоста на критериумите за селекција на тренери, со цел подигање на квалитетот и професионалните стандарди во македонската кошарка

Дополнително, беше донесена одлука за зголемување на надоместокот за статистичарите на 1.500 денари по натпревар, како признание за нивниот придонес и значајната улога во натпреварувачкиот процес.

Претходно„Надежите“ поразени од Турција, Арда Туран ги „скенираше“ талентите
СледноМа бравооо: Костески со звукот на сирената за прва победа на Македонија!