
Македонската ракометна репрезентација денеска повторно е во фокусот на целата јавност. Пред Кирил Лазарови и неговите момци стои уште една битка на Европското првенство, последна од групната фаза. Противник на „црвено-жолтите“ е Романија, дуелот е закажан со почеток во 18 часот.
Нашите ракометари зад себе го имаат врвниот натпревар против Португалија и големото реми, кое ја зголеми самодовербата во редовите на националниот тим и потврди дека ракометна Македонија има право да сонува за бајки во ладниот јануари.
Македонија со победа сигурно ќе биде носител пред ждрепката за Светското првенство 2027 година, а со убедлива победа ќе се надева на едно „лудо“ сценарио кое може да не однесе во главната рунда. Тука не се прашуваме само ние, туку и Данска. Португалија е нашиот директен конкурент за второто место во групата, има предност од 18 голови, која ние мора да ја надокнадиме доколку сакаме да останеме во Хернинг.
„Сите прават математики околу минувањето во следната фаза. Сакам да порачам до моите соиграчи – да веруваат. Наша прва цел е да победиме, а доколку ни се укаже добра шанса, ќе настојуваме да победиме и со поголема разлика. Треба да влеземе со ладни глави, со мирно, 60 минути фокус на нашата игра“, порача капитенот, Филип Кузмановски, кој додаде: Тоа што не ни беше наклонето со Португалија, нека дојде на наша страна со Романија. Среќен сум за мојата партија синоќа, но би бил уште посреќен ако некој друг биде МВП со Романија, а ние стигнеме до победата. Најважна е Македонија, да одиме напред од натпревар во натпревар“, порачува Филип Кузмановски.
Македонија има еден бод пред овој дуел, додека пак Романците ниту еден.
„Романија најави дека нивни таргет е Македонија, тие утре ќе влезат силно и цврсто, на се или ништо. Прва цел ни е победа, а после тоа а се обидеме и да постигнеме уште некој гол повеќе во гол-разликата. Треба да имаме правилен пристап, бидејќи ретко кога Македонија знаела по добар меч да повтори уште едно добро издание за помалку под 48 часа. Не сум загрижен, овие момци прераснуваат во сериозни ракометари на големата сцена и верувам дека повторно ќе одговориме на предизвикот“, рече селекторот, Кирил Лазаров.
Веруваме дека нашите момци денеска повторно ќе одиграат лавовски меч и ќе бидат еднакво хрбари исто како и против Португалија. Поддршка стига од сите страни, денеска Македонија повторно е сплотена во име на момците на Лазаров.










