✍ Марија Ковачева
Македонската ракометна репрезентација го заврши Европското првенство на 14 место (најдобар пласман во последните четири континентални натпреварувања) во конкуренција на 24 учесници. Најважно е дека селекторот Кирил Лазаров и неговите момци обезбедија место во првиот шешир пред ждрепката за Светското првенство 2027 година, што пак влева надеж дека ќе го продолжат континуитетот на пласман на големи натпреварувања.
И овој јануари, нашите ракометари го остварија неочекуваното. На Португалија ѝ земаа бод после херојски кам-бек, во самиот финиш среќата не беше на нивна страна. Ја совладаа Романија со сигурна игра и одиграа достоинствен меч против моќната Данска.
Целта е остварена. Но поважно од резултатите е дека пораката останува иста: Македонскиот ракомет има иднина.
Повторно видовме дека оваа нова генерација е на вистинскиот пат. Кирил Лазаров гради тим со победнички карактер, со дисциплина и со борбеност до последната секунда. Тим што не се предава и што верува во процесот.
Многумина беа скептици, никој не очекуваше дека Македонија ќе одигра едно реми со Португалија која синоќа ја победи Данска пред 15.000 фанови, 90% од нив беа Данци.
Да се вратиме наназад. Светското првенство 2023 година, оттука почна да се гради Новата Македонија. Тогаш, за првпат бевме без лидерите како Кире, Стоилов и Миркуловски…, Македонија започна ново поглавје. Лазаров зборуваше за модерен ракомет, за долгорочен процес и за градење тим од темел. Македонија не се пласираше во главната рунда, па критиките и навредите во голем број ги имаше на негова адреса. Како сите да заборавија дека ракометна Македонија повторно се гради.
Нашиот селектор остана исправен пред сите удари. Имаше и такви што тврдеа дека не знае да плива во длабокото без „гума“. Но, денеска е јасно – Лазаров не само што плива, туку ги води момците низ океан.
После Полска дојде првата потврда дека имаме светла иднина. Три првенства по ред Македонија е конкурентна, а името на нашата репрезентација повторно се споменува и тоа во светски рамки. Противниците повеќе не нè гледаат со потценување – напротив, со респект и изненадување од напредокот и работата на Лазаров.
Низ светските медиуми деновиве го нарекуваа кралот Лазаров: Легендата на светскиот ракомет има визија, но уште поважно има борци кои се подготвени заедно секој јануари да не радуваат на голема сцена. Овие денови дури и добивме комплименти од Србија, која и натаму е заглавена и не успева да се издигне.
На крајот секогаш има простор за напредок, секогаш останува отворено прашањето дали можевме подобро. Сигурно можевме…И самиот Лазаров, кој е роден победник сака Македонија да ја направи поконкурентна, подобра и поуспешна од неговата генерација, но за тоа треба сите да работиме како нација.
Македонија остана гордо исправена, така го напушти Хернинг со најва дека ова не е крај – туку продолжение на македонска ракометна приказна.










