Лејкерс во хаос: Џини Бас го губи трпението со Леброн Џејмс

132
фото: Hoop Central (X)

Ситуацијата во Лос Анџелес Лејкерс е напната откако „ESPN“ објави извештај во кој се тврди дека косопственичката на клубот, Џини Бас, го изгубила трпението со Леброн Џејмс. Како причини се наведуваат несогласувањата околу трансферите, влијанието на Џејмс врз клупските одлуки, како и наводната неблагодарност по изборот на неговиот син Брони Џејмс на драфтот, пренесува „Марка“.

Според текстот на Бакстер Холмс со наслов „Како внатрешните борби во семејството Бас ја поттикнаа продажбата на Лејкерс за 10 милијарди долари“, односот меѓу Бас и Џејмс почнал да се влошува по неуспешниот трансфер на Расел Вестбрук во 2021 година, на кој инсистирал токму Леброн.

Се наведува дека поради тоа, во 2022 година Џини Бас сериозно размислувала за можноста Леброн Џејмс да биде трејдуван, а исто така била воздржана и околу продолжување на неговиот договор во 2024 година. Во извештајот се истакнува и незадоволството од „егото на Леброн Џејмс и очигледната контрола што тој и агенцијата Klutch Sports ја имале врз организацијата“.

Како клучен момент што го прелил трпението на Џини Бас се наведува наводната неблагодарност на ѕвездата на Лејкерс по изборот на неговиот син Брони Џејмс како 55. пик на НБА-драфтот во 2024 година. Иако Брони покажал одреден потенцијал на приватните тренинзи, во текстот се нагласува дека е невообичаено франшиза како Лејкерс да избере бек кој на Универзитетот Ју-Ес-Си во НЦАА лигата имал просек од само 4,8 поени по натпревар.

Во моментов, Брони Џејмс ротира меѓу Лејкерс и Саут Беј, екипата што настапува во Џи-лигата. Во НБА има просек од 1,5 поени по натпревар.

Леброн Џејмс, кој ова лето ќе стане слободен играч, и покрај 41 година продолжува да игра на високо ниво во својата 23. НБА сезона. На последните 19 натпревари бележи просек од 25,2 поени, 6,6 скокови и 6,7 асистенции.

ПретходноСилекс го претстави своето прво засилување оваа зима!(ФОТО)
СледноРаботнички со нова +7 победа!