Интервју со Јана Атанасовска: Да се биде женско скијач во Македонија значи да градиш пат додека возиш по него

97
Фото: Приватна Архива/Јана Атанасовска

Огнен Дојчиновски

Македонија како релативно мала спортска нација не може да се пофали со фактот дека имала претставник на скијачките спортови на највисоко ниво, барем досега. Нашите приоритети во поранешната Југославија не биле насочени кон зимските спортови, иако Македонија изобилува со планини и снежни падини кои не се искористени до ден-денес. Една Словенија и во тие времиња, пред доста децении се концентрира на алпските и нордиските дисциплини во скијањето, спорт кој што сега е веќе традиоционален во оваа земја, па тоа доведе до тоа да оваа држава биде светска велесила на дешеницата.

Ние пак без некоја особена стратегија кога станува збор за скијањето чекаме одвреме на време да ни се случи некаков индивидуален блесок кој што ќе ни покаже дека ете, и Македонија има со што да се пофали.

За наша среќа, во моментов и тоа како имаме такво нешто. Младата македонска скијачка репрезентативка, Јана Атанасовска, родена на 19.07.2006 година, на само 19 години стигна до најелитното ски-натпреварување на светот, Светскиот Куп. За нас досега што се вели „мисловна именка“. Ниту еден наш натпреварувач, машка или женска конкуренција досега не се ни приближил до ова ниво, а со оглед на годините на Јана, можеме само да претпоставиме кои височини ќе достигне благодарение на нејзиниот капацитет, талент и работна навика. Ова е женска приказна за големата ски македонска надеж која ќе биде дел од Зимските Олимписки Игри – Милано Кортина.

За Јана Атанасовска која што тивко и без многу помпа од јавноста, стигна да биде рамо до рамо со најголемите ски ведети во моментов. Да работи, тренира, натпреварува и според нејзините зборови и дружи со светските шампионки. Како, зошто, и од каде се појави Јана Атанасовска на светската ски-сцена ексклузивно ви пренесуваме во „Женски спортски приказни“.

🏂🏼Од каде љубовта за скијањето? Дали од старт знаеше дека дефинитивно ќе се бавиш со овој спорт, или пак, испроба неколку, па увиде дека тоа е тоа?

„Љубовта кон скијањето започна многу рано, уште како дете на три годишна возраст. Природата, снегот и чувството на слобода на скии веднаш ми беа блиски. Многу рано се виде дека имам посебна поврзаност со овој спорт и дека вложениот труд дава резултати, па изборот со тек на време стана јасен“.

🏂🏼Колку е тешко да се биде скијач во Македонија? Индивидуалните спортови кај нас тешко се поднесуваат пред се од финансиска гледна точка. Каде Јана Атанасовска и нејзиното семејство наоѓаат средства сиве овие години да се одржи таа кариера на највисоко можно ниво и да се стигне до Светскиот ски куп.

„Да се гради кариера во алпско скијање во Македонија е голем предизвик – пред сè поради финансиите и логистиката што овој спорт ги бара. Алпското скијање е скап спорт: подготовки, тренинг, натпреварувања, патувања, сместување, ски карти и котизации за трки, опрема, физиотерапија, осигурување – сето тоа е континуиран трошок преку целата година. Маѓутоа за градење на врвен спортски резултат потребно е многу повеќе, односно интердисциплинарен пристап од сите аспекти како во тренажниот така и во натпреварувачкиот процес.

Во мојот случај, финансирањето доаѓа од повеќе извори.

Во последните три години од Скијачка Федерација на Македонија (СФМ) добивам поддршка која покрива дел од годишните трошоци. Оваа институционална рамка ми овозможува да имам тренинзи и натпревари во еден дел од сезоната.

Минатата сезона за прв пат добив поддршка од Министерството за спорт. Министерот за спорт Г-дин Борко Ристовски ми додели финансиска помош која ми овозможи присуство на Светскиот куп, како и покривање на дел од трошоците токму во критични периоди: предсезонски кампови, специфични технички тренинзи и дел од патувањата.

Најголемата и најконзистентна поддршка низ годините доаѓа од моето семејство. Тие стојат зад мене од првиот ден – и морам искрено да кажам дека без нивната финансиска поддршка, без нивните жртви и посветеност, ова ниво на континуитет и напредок би било многу тешко да се одржи. Семејството ги покрива деловите кои институциите не можат целосно да ги покријат“.

🏂🏼Како е да се биде женско скијач во Македонија? Кога и во кој момент Јана дозна дека е така добра и талентирана во ова што го прави за да може да се додаде тој додатен „пуш“ и да се стигне до највисоко ниво на така млада возраст?

„Да се биде жена скијач во Македонија е комбинација од голема љубов, истрајност и дневни мали битки. Нашата скијачка сцена е мала да не кажам непостоечка од онаа во земјите со силна традиција, па за да напредуваш мораш да бидеш многу самодисциплинирана: да градиш рутина, да прифаќаш дека цела сезона ќе си далеку од дома, и дека понекогаш ќе тренираш во „неидеални“ услови. Но токму тоа ме направи поиздржлива и пофокусирана.

Како жена спортистка, предизвиците се двојни: прво да обезбедиш континуитет во тренинг и натпревари и второ да се избориш за видливост и поддршка во спорт што бара големи средства и логистика. Воедно, на женските трки конкуренцијата е неверојатно силна — што за мене е огромна мотивација да покажам дека и од Македонија можеш да бидеш конкурентна на меѓународна сцена.

Моментот кога сфатив дека можам многу повеќе дојде во неколку чекори, не во еден ден. Прво беа победите, една по една, на младинските натпревари, за да потоа се продолжи во професионалните ФИС трки. Моментот кога сфатив дека можам да одам чекор подалеку беше кога почнав да постигнувам резултати на меѓународна сцена и да бидам конкурентна со врснички од земји со многу подолга скијачка традиција. Тоа ми даде дополнителен „пуш“ да продолжам уште посериозно и пофокусирано.

На кратко, да се биде жена скијач во Македонија значи да градиш пат додека возиш по него. Предизвиците се реални, но и мотивацијата е огромна: секое следно возење е нова шанса да бидам подобра од претходната верзија од себе — и тоа ме држи на вистинскиот курс кон највисокото ниво.

🏂🏼 Колку државата е присутна во сето тоа? Министерсвото? Можеби општина? Дали големите фирми имаат слух за инвидидуален спорт како скијање за да пренасочат средства и да станат дел од тимот на Јана Атанасовска?

„Државната поддршка постои и е важна – преку Министерството за спорт и преку Скијачката федерација, добивам делумна финансиска помош за подготовки и меѓународни настапи, што е клучно за континуитет. Тоа покажува дека има препознавање на резултатите и потенцијалот, но алпското скијање е спорт со многу високи трошоци и таа поддршка не може сè да покрие.

Кај општините, поддршката е непостоечка и би било одлично во иднина да има локална вклученост, особено кога станува збор за млади спортисти кои ја претставуваат државата надвор.

Што се однесува до големите компании, тука па и нема некој успех, а има најмногу простор за напредок. Едноставно нашите компании не се заинтересирани за поддршка на индивидуални спортисти. Тоа и би била и мојата порака до големите компании – поддржете ги индивидуалните спортисти бидејќи со повеќе долгорочни партнерства меѓу спортот и бизнис-заедницата, Македонските спортисти можат многу полесно да стигнат и да останат на највисоко ниво“.

🏂🏼Дебитираше во Светскиот куп – која е следната цел?

„Дебито во Светскиот куп е голем чекор и потврда за целата работа досега. Следната цел е континуитет – да бидам редовен дел од ваквите натпреварувања, да напредувам од трка во трка и да ја градам својата позиција меѓу најдобрите“.

🏂🏼Како е да се биде дел од најголемиот светски скијачки настан? Со кого тренираш заедно со која репрезентација? Со која од светски познатите скијачки си најблиска? Какви совети даваат големите имиња на скијањето? Дали се вообразени? 

„Да се биде дел од најголемиот светски скијачки настан е навистина посебно чувство. Атмосферата е електрична – околу тебе се најдобрите во светот, сите фокусирани, професионални, но и човечки. 

Тренирам заедно со различни репрезентации, често сме мешани по групи, што е супер затоа што гледаш различни стилови, пристапи и методи на работа. Од тие заеднички тренинзи најмногу сум блиска со Хрватките – Зринка Љутиќ и Леона Поповиќ, како и со Словенката Ана Бучик. Со нив најдобро стојам, и на патеката и надвор од неа – има здрава конкуренција, но и вистинска поддршка.

Големите имиња во скијањето даваат многу корисни совети, и тоа најчесто едноставни, но златни: да си трпелив, да му веруваш на процесот, да не се изгубиш кога не оди и да останеш свој. Често нагласуваат дека психата е исто толку важна колку и техниката.

А дали се вообразени? Искрено – не. Повеќето од нив се изненадувачки приземјени, отворени за разговор и подготвени да помогнат. Секако, сите се фокусирани и знаат што сакаат, но тоа доаѓа од дисциплина и професионализам, не од ароганција.

Она што многу јасно се гледа е огромната разлика во инфраструктурата и условите што ги имаат другите репрезентации. Поголеми тимови, повеќе тренери, сервисери физиотерапевти,опрема – сè е на едно многу повисоко ниво. Во споредба со нив, ние често мораме да импровизираме и да се снаоѓаме со многу многу помалку. И тоа е реалноста, но токму затоа секој наш напредок има уште поголема тежина и вредност“.

🏂🏼 И официјално ќе бидеш дел од Зимските Олимписките игри кои се твоите очекувања?

„Да, олимписката норма е веќе исполнета, што само по себе е огромен успех – и за мене лично, и за Македонското алпско скијање. Тоа е резултат на години напорна работа, откажувања, долг процес на градење форма и континуитет на меѓународна сцена. Кога ќе сфатиш дека си го остварил критериумот за Олимписките игри, чувството е посебно – гордост, олеснување, но и уште поголема одговорност.

Заминувањето на Олимписките игри не го гледам само како исполнување на сон, туку како следен сериозен чекор во мојата спортска кариера. Олимписките игри се највисокото можно ниво на кое еден спортист може да настапи – таму се најдобрите од светот, најдобрите патеки, најголемиот притисок и најсилната енергија. Самото учество значи дека си дел од светската елита.

Што се однесува до очекувањата, тие се реални, но амбициозни. Прво и основно, целта ми е да одам максимално подготвена – технички, физички и ментално. Сакам да возам стабилно, паметно и храбро, да ги пренесам тренинзите во натпревар и да покажам дека не сум таму само за учество, туку за квалитетен олимписки настап.

Олимписките игри се цел што ја живеев со години, но и почеток на ново поглавје. Моето најголемо очекување е да излезам од таа олимписка приказна како подобра, поискусна и посилна спортистка, подготвена за следните чекори на светската скијачка сцена“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Фудбалската федерација на МакедонијаРакометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашиот главен партнер ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноДенеска на ЕП 2026: Сигурдсон против “својот“ Исланд
СледноКарлито има нов тренер, тоа е неговиот брат!