По се она што се случи вчера на пријателскиот меч меѓу Работнички и Охрид, на кој тимот од Градски парк победи со 8:2, и по фактот дека цела фудбалска јавност се шокира од тоа како паѓаа головите, предмалку со своја реакција или соопштение се јави и ФК Работнички.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
“Фудбалскиот клуб Работнички како клуб со интегритет и традиција апсолутно секогаш е во заложба за максимално спортска и витешка игра на фудбалските терени, и ќе продолжи да го прави тоа чесно и со единствена намера за почитување на фер-плеј и негување на вистинските спортски вредности.
Клубот ја информира јавноста дека на било каков начин не е вклучен во инсинуациите и можните обиди за задкулисни игри околу резултатот на пријателскиот натпревар против Охрид Лихнидос.
ФК Работнички има единствена цел што е можно подобро да го подготви тимот за вториот дел од сезоната и во таа насока и со чисто спортски намери го одигра натпреварот.
Клубот секогаш ќе вложува максимални напори за чист фудбал и за респект кон противниците и кон натпреварувањето и во таа насока апсолутно стоиме на располагање на Фудбалската федерација на Македонија за било каква помош и соработка.
Фудбалски клуб Работнички“ велат од Работнички.















