БРУКА: Дали пријателскиот меч Работнички – Охрид (8:2) е НАМЕСТЕН?!

628
ФОТО: ГФК Охрид Лихнидос/FB

Јавноста е во шок по она што се случи вчера на пријателската средба меѓу Работнички и Охрид и затоа со право се бараат одговори.

Зачудувачкиот и убедлив пораз на Охрид од ФК Работнички (2:8) отвори сериозни сомнежи за регуларноста на натпреварот, особено ако се има предвид дека охриѓани се лидер во Втора МФЛ по првата полусезона, додека Работнички води битка за опстанок во Првата лига.

Според неофицијални информации, во Фудбалската федерација на Македонија е доставена пријава во која се наведува дека натпреварот бил одигран под сомнителни, односно „матни“ околности.

Во пријавата се посочува дека дел од примените голови од страна на Охрид не биле резултат на реална фудбалска немоќ, туку на очигледен недостаток од ангажман, сериозност и натпреварувачки аспект кај фудбалерите на теренот.

Дополнителен аларм се неофицијалните информации од обложувачките кругови, каде што, наводно, биле забележани невообичаено високи влогови за време на натпреварот и тоа на обложување поврзано со голем број постигнати голови во одредени периоди од мечот.

Според истите извори, вкупната сума на вложените средства надминува 70.000 евра, бројка што тешко може да се третира како случајност.

Како особено сериозен момент во целата ситуација се наметнува прашањето за улогата на директорот на ФК Охрид, Гоце Толески и клупскиот секретар.

Затоа прашуваме:

Дали е точно дека само неколку минути пред почетокот на натпреварот, Толески заедно со секретарот на клубот, во отсуство на тренерот на тимот, им соопштил на фудбалерите дека натпреварот „не е толку битен“?

Дали е точно дека на фудбалерите им било експлицитно укажано првото полувреме да заврши со негатива од најмалку два гола разлика? И, конечно, дали на полувремето, повторно без присуство на тренерот, била дадена директива вкупниот број на голови на натпреварот да не биде помал од седум, а ФК Охрид да загуби со најмалку четири разлика?

Доколку овие прашања добијат потврден одговор, тогаш станува збор за исклучително сериозни наводи кои фрлаат сенка врз целиот натпревар и отвораат прашања за вистинските мотиви зад ваквата „голеада“.

Дополнително, неофицијално се дознава дека дел од актерите на натпреварот веќе имаат дадено искази во однос на случувањата. Важно е, исто така, да се потенцира дека, според досегашните информации, ФК Работнички не е инволвиран во какви било сомнителни дејствија поврзани со овој натпревар.

Сите наведени сомнежи и потенцијални нерегуларности се однесуваат исклучиво на постапките и однесувањето на одговорни лица и поединци во рамки на ФК Охрид.

Во контекст на се поголемиот број вакви случаи, крајно време е надлежните институции решително да реагираат и да се стави крај на манипулациите, притисоците и нечесните практики на поединци кои директно го рушат интегритетот на македонскиот фудбал.

ФК Охрид е клуб кој во најголем дел се финансира од буџетот на Општина Охрид, односно со јавни средства, што значително ја зголемува тежината на сомнежите поврзани со овој натпревар. Во таа смисла, случајот не е само спортски, туку и прашање на јавна одговорност и отчетност.

Сомнежите за нерегуларен натпревар, наводниот недостиг од залагање на дел од фудбалерите и информациите за високи обложувачки влогови не се само дамка врз ФК Охрид, туку и директен удар врз угледот на градот и локалната самоуправа која стои зад клубот, а во последните години толку многу вложува во спортот.

Дополнително загрижува фактот што за ФК Охрид веќе постои пријава за сличен случај во првиот дел од сезоната, што дополнително го засилува сомнежот дека не станува збор за изолиран инцидент.

По се ова јасно е дека ФФМ мора да покрене постапка.

Фудбалот мора да биде ЧИСТ!

ПретходноОфицијално: Никола Ѓоргиев е нов одбојкар на најдобриот чешки тим
СледноОфицијално: Брера се засили со Леонардо Петровиќ! (ФОТО)