Втората полусезона од првенството 2025/26 во најсилната машка одбојкарска лига стартува викендов со натпреварите од плеј-оф и плеј-аут фазата.
Водечките шест екипи на табелата по завршувањето на првиот дел од сезоната (т.н. лига – фаза) Штип УГД, Струмица 47&72, ГОК Борец, Работнички 71&22, Универзитет во Тетово и Сушево според пропозициите продолжуваат во плеј-оф разигрувањето, пренесувајќи ги бодовите од првиот дел. Играат двокружно „секој со секого“, а потоа првите четири екипи ќе обезбедат пласман во полуфиналето на плеј-офот и ќе се борат за шампионската титула.
Во првото коло, в сабота лидерот Штип УГД го пречекува Сушево, додека дербито се игра во Скопје меѓу Работнички 71&22 и ГОК Борец. Дуелот меѓу Струмица 47&72 и Универзитет во Тетово е одложен.
Шестте клуба кои завршија во вториот дел на табелата, Лирија, Шкендија, Македонија Џио, Весна Пробиштип, Јанта Волеј и Скопје ќе ја сочинуваат плеј-аут фазата, во која ќе рзигруваат за конечен пласман. Екипите ги пренесуваат бодовите од првиот дел на сезоната и ќе се натпреваруваат двокружно (дома-гости), а по завршувањето на натпреварите ќе биде позната нивната позиција во првенството.
Сите натпревари од првото коло од плеј-аут фазата се играат в сабота, кога Лирија игра дома со Јанта Волеј, Шкендија го пречекува Скопје, додека Македонија Џио ќе се соочи со Весна Пробиштип.
ПРВА ЛИГА МАЖИ
ПЛЕЈ-ОФ, 1. КОЛО (24.01.2026)
ШТИП УГД – СУШЕВО 18:00ч.
РАБОТНИЧКИ 71&22 – ГОК БОРЕЦ 20:30ч.
СТРУМИЦА 47&72 – УНИ. ВО ТЕТОВО одложена
ПЛЕЈ-АУТ, 1. КОЛО (24.01.2026)
ЛИРИЈА – ЈАНТА ВОЛЕЈ 12:00ч.
ШКЕНДИЈА – СКОПЈЕ 18:00ч.
МАКЕДОНИЈА ЏИО – ВЕСНА ПРОБИШТИП 18:30ч.










