Вардаровата експедиција во Сиде, Турција, вчера требаше да го одигра дуелот против полскиот тим на Мотор Лубин, трет во серијата базични подготовки зимава, но истиот беше откажан поради големите врнежи и силниот ветар што веќе трет ден беснее во овој предел.
Огромен број на мечеви беа одложени, меѓу кој и оној на Вардар, но тренерот Гоце Седлоски инсистираше на дневниот ангажман, преточен во тренинг и меѓусебен дуел.
Еден од оние кои што зимава одлучи да стави параф на нова соработка со Вардар е Димитар Тодоровски.
Екс македонскиот младински репрезентативец е стандарден во тимот ан Вардар, имаше сериозна улога во изминатата сезона, во настапите во Европа, а и во есенскиот дел од тековнава сезона.
„Секако дека не е лесно да се одработуваат два тренинзи дневно, што во сала за кревање товар, што на терен, но секако дека тоа е еден процес на создавање на енергија која што ќе ни го донесе она што го посакуваме напролет. А тоа е победничка серија, до конечен триумф, како во шампионатот, а зошто не и во Купот, и наше крунисување со евентуална двојна круна. Вардар е клуб во кој што тоа треба да е воспоставена норма. Ништо помалку од тоа“ – вели Димитар Тодоровски, па продолжува.
„Секако, не е лесно да се биде дел од клуб кој што сите сакаат да го победат. Клуб чиј што дрес тежи многу, но затоа е и гордоста да се носи толку голема. Мотивот е голем, и тој прави и кога „нозете се тешки“ да се издржат напорите во име на нешто многу вредно“ – вели левоногиот креативец на Вардар.















