Фудбалерите на Рома и Милан ремизираа со 1:1 во вечерашниот дерби натпревар од италијанската Серија А. По убедливиот пораз на Наполи од Јувентус, Милан со победа имаше шанси да му се приближи на водечкиот Интер и да се одвои на втората позиција на табелата. Сепак, екипата на Масимилијано Алегри одигра уште еден блед натпревар и на крајот мораше да се задоволи со реми.
Рома беше подобар ривал во текот на целиот натпревар, но Милан прв стигна до гол откако по фантастичниот центаршут на Лука Модриќ, Кони де Винтер постигна погодок со глава во 62-та минута. Во 74-тата минута Бартезаги играше со рака во казнениот простор и Рома доби пенал. Пелегрини го реализираше тој пенал, а имаше и спорна ситуација во финишот на натпреварот кога еден од дефанзивците на Милан повторно играше со рака во шеснаесетникот, но судијата не досуди ништо.
Со ова реми Милан останува на втората позиција со 47 бода, 5 помалку од водечкиот Интер. Рома се искачи на третото место со 43 бодови.










