Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (38) директно се пласираше во четвртфиналето на Австралија опен, откако неговиот противник, Чехот Јакуб Меншик (20), се повлече од турнирот поради повреда. Меншик својата одлука ја соопшти преку социјалните мрежи. Нивниот меч од осминафиналето беше очекуван со голем интерес, делумно и затоа што Меншик минатата година го совлада Ѓоковиќ во финалето во Мајами.
„Ова е тешко да се напише. Откако направивме сè што можевме за да продолжиме, морам да се повлечам од Австралија опен поради повреда на стомачниот мускул, која се влошуваше во текот на последните натпревари. По долги разговори со мојот тим и лекарите, донесовме одлука утре да не излезам на терен.
Иако сум разочаран, пласманот во четвртото коло овде за првпат е нешто што долго ќе го паметам. Ја почувствував огромната енергија од публиката, а атмосферата во Мелбурн беше навистина посебна. Му благодарам на мојот тим што беше со мене на секој чекор и на сите што ми испраќаа пораки и ме бодреа – тоа значи повеќе отколку што мислите. Сега е време правилно да се опоравам“, напиша Меншик.
Ѓоковиќ според многумина е најдобриот тенисер во историјата со 24 гренд-слем титули, додека 18 години помладиот Меншик се наоѓа на 17. место на АТП-листата, а во кариерата има освоено два турнира.
Ѓоковиќ во четвртфиналето ќе игра против победникот од мечот меѓу петтиот носител Лоренцо Музети и деветтиот носител Тејлор Фриц.










