Каков меч во Хернинг: Данската машина преку Германија до полуфинале на ЕП

366
Фото: ИХФ/Колектиф

Уште една неверојатна ракометна пресметка во „Јиске Банк Боксен“ Арената, уште еден меч од главната рунда се одигра пред 15.000 фанови. Данска ја победи Германија со 26-31 (12-13). Со овој триумф, актуелниот светски и олимписки првак се изедначи бодовно со Германија, но и обезбеди место во полуфиналето.

Германија и Данска одиграа натпревар според вкусовите на сите ракометни „гурмани“. На дело видовме што е атомски ракомет, на дело видовме дека на овие две репрезентации им се доволни само пет секунди за да постигнат гол. Видовме двајца одлични голмани на двете страни, Нилсен и Шпед, во последните десет минути на голот на Германија беше Волф.

Некаде после стартот на вториот дел Данска фати ритам, Германија остана со двајца играчи на теренот, па тоа беше доволно за домаќинот на ЕП да полета кон победата. Нилсен беше одличен на голот, а Гидсел го предводеше тимот во овие моменти, на средината на вториот дел беше 16-23 во корист на Данска. Ова беше позитивата која домаќинот ја одржуваше до пред седум минути до крајот. Волф застана на голот, а Германија успеа да дојде на минус четири (24-28), на другата страна избраниците на Јакобсен влегоа во мини-криза, но Нилсен со 13-та одбрана беше тука да ги разбуди. Питлик ја врати стабилноста за 24-29, а Данска зачекори кон победата, која на крајот беше повеќе од заслужена.

Нилсен имаше 13 одбрани и беше прогласен за МВП, Гидсел беше стрелец на 8 гола, на другата страна Ушчинс имаше 6.

Данска во последното коло од главната рунда ќе игра против Норвешка, додека Германија со Франција. Токму во ова коло ќе биде решен уште едниот патник во полуфинале.

ПретходноГотово е: Фермин во Барселона уште пет години
СледноФулам го договори трансферот на Оскар Боб