Македонската тенисерка Лина Ѓорческа не успеа да се пласира во четвртфиналето на фјучрсот ИТФ 75 Порто (награден фонд 60.000 долари). Таа денеска во мечот од второто коло загуби од турската тенисерка Ајла Аксу со 2-0 во сетови (75 62).
Во првиот сет се водеше голема борба со неколку пресврти во мечот. Македонската тенисерка поведе со 5:4 во гемови и во десеттиот гем беше на сервис, но ривалката ги доби следните три гема. Во вториот сет вистинска драма имаше во третиот гем кога беа одиграни 22 поена и Аксу поведе со 2:1. Во продолжение од мечот Ѓорческа освои само еден гем и со тоа го загуби мечот.
Македонската тенисерка останува во Порто, бидејќи следната недела е пријавена за уште еден фјучрс турнир ИТФ 50 Порто.










